Чекор напред во доделувањето на статус од јавен интерес за ГО |
E martë, 17 korrik 2012 14:27 | |||
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Европскиот центар за непрофитно право (ЕЦНЛ) и Одделението за соработка со невладините организации организираа обука за членовите на новоформираната Комисија за организации со статус од јавен интерес. Обуката се одржа на 9 и 10 јули во просториите на МЦМС. Членовите на комисијата се запознаа со основните карактеристики на граѓанскиот сектор во Македонија, како и со Законот за здруженија и фондации чии одредби го регулираат статусот на организации од јавен интерес. По осознавањето на домашната состојба, споделени беа искуствата од други земји поврзани со концептот на јавен интерес. Се зборуваше за позадината на статусот од јавен интерес и причините за воспоставување на истиот, како и за телата што го доделуваат статусот, за нивниот состав, мандат, надлежности и одговорности. Исто така, беше пренесено искуството за критериумите за доделување на статусот, за постапката и за дејностите кои најчесто се определени како основ за јавен интерес. Понатаму, дискутирани беа дејностите предвидени во ЗЗФ и се направи обид за изедначено разбирање на нивниот опфат од страна на членовите на Комисијата за ОЈИ што предизвика најголеми дискусии меѓу членовите. Воедно направена беше споредба со праксата од другите земји. Обуката ја водеа Емина Нурединоска, раководител на Одделението за граѓанско општество во МЦМС и Катерина Хаџи-Мицева Еванс, извршен директор на ЕЦНЛ, додека Добре Наунов, регистратор во ЦРМ ги запозна членовите на Комисијата со процесот на регистрација на граѓанските организации во Централен регистар како подршка за обезбедување на документи потребни за утврдување на статус од јавен интерес. Со заедничка работа беа подготвени дообјаснувања на критериумите за доделување на статусот на ОЈИ, кои во иднина треба да придонесат во објективноста на определување на статусот. Членовите на Комисијата обуката ја оценија како суштинска и особено корисна во нивното понатамошното работење. Тие истакнаа дека дилемите за целокупното функционирање на Комисијата биле расветлени и сметаат дека процесот на зајакнување на капацитетите би се заокржил со дополнителни обуки и можности за позитивни примери во други земји. Обуката е дел од проектот „Овозможувачка правна рамка” што го спроведува МЦМС во соработка со ЕЦНЛ, а финансиски поддржан од Американската агенција за развој (УСАИД).
|