Подобра перцепција за својата организација од онаа за ГО - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Подобра перцепција за својата организација од онаа за ГО PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 18 октомври 2010 08:15

Самоперцепција за граѓанското општество[Прес соопштение] МЦМС втор пат го спроведува Цивикус – Индексот на граѓанското општество (ИГО). Индексот е акциско-истражувачки проект, кој ја проценува состојбата на граѓанското општество во земјите низ светот. Дел од истражувањето е анкетата со граѓански организации за нивната перцепција за работењето и управувањето на граѓанското општество. Во ова соопштение се презентирани резултатите од оваа анкета.

Граѓанското општество има ограничено влијание на општествените проблеми (33,5%). Влијанието е високо врз оспособувањето на граѓаните (78,9 %) и обезбедувањето услуги за општествените потреби (54,6 %). Граѓанското општество има ограничено влијание на јавните политики (29,1%). Области каде граѓанското општество е најактивно во последните пет години се човековите права и еднаквоста и децентрализацијата.

Што се однесува до околината во која делуваат, граѓанските организации перципираат овозможувачка законска регулатива. Големо мнозинство од граѓанските организации немаат искуство со незаконски ограничувања од страна на властите, но дијалогот со деловниот сектор и државата го сметаат за недоволно развиен.

Во делот на практикување вредности, граѓанските организации имаат високо мислење за својата демократичност, а на високо ниво се и организациските практики и транспарентноста. Големо мнозинство (84 %) имаат стратегии за работа за следните 3 до 5 години; 89 % велат дека финансиските извештаи се јавно достапни, а 73 % имаат јавно достапен кодекс на однесување на персоналот. Граѓанските организации остануваат промотори на ненасилството и толерантноста, со ретки и/или изолирани насилни и расистички групи. Што се однесува до корупцијата, таа е ретка или многу ретка појава.

Анкетата покажа дека граѓанските организации перципираат дека имаат структура за добро управување. Големо мнозинство одговориле дека постои поделба меѓу неизвршните т.е. управните и извршните функции (93,8 %) и имаат орган на управување (87,6 %). Освен тоа, македонските организации сметаат дека се вмрежени, дека комуницираат и соработуваат. Одржливоста на граѓанските организации останува да биде предизвик. Човечките ресурси се една од послабите точки во нивото на организација на граѓанските организации. Според критериумот зададен од Цивикус, големо мнозинство (70,2 %) од анкетираните граѓански организации се финансиски одржливи, ако се има предвид растот и падот на приходите и расходите во однос на изминатата година. Анкетата покажа дека граѓанските организации немаат став за фондовите на Европската Унија и немаат доволен капацитет за нивно користење.

Во целата анализа може да се види подобра самоперцепција за сопствената организација од таа за граѓанското општество. Јазовите се јавуваат во практикување вредности, како демократија и транспарентност и во постигнатото влијание врз општествените проблеми и јавните политики и изнесуваат од 17,4 % до 22,3 %. Организациите сметаат дека имаат подобри вредности и се поуспешни од граѓанското општество во целина за 19,3 %. Разликите во оценката се очекувани, но величината на разликата во овој случај укажува на повисоко ниво на субјективност.

Истражувањето е спроведено со интервјуа со претставници на 161 граѓанска организација во април и мај 2010 г. Погледнете го целото истражување „Самоперцепција за граѓанското општество“

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Подобра перцепција за својата организација од онаа за ГО