Потребен е поголем притисок врз локалната власт за исполнување на предизборните ветувања - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Потребен е поголем притисок врз локалната власт за исполнување на предизборните ветувања PDF Печати Е-пошта
Четврток, 29 декември 2022 14:32

Граѓаните на општина Прилеп се подготвени со активно политичко граѓанско учество да ја потсетат локалната власт за исполнување на ветените програми и проекти од предизборната кампања. 

320753901 457791936555755 1435982429023612572 n MCMS

Здружението за правна едукација и транспарентност Станица П.Е.Т., на 20.12.2022 година (вторник) во хотел Кристал Палас во Прилеп, го организираше Вториот форум во заедницата, на кој учествуваа 25 граѓани. Настанот беше наменет за сите граѓани кои ги засега проблемот со недостигот на капацитети за згрижување на деца во предучилишна возраст. За време на форумот се дискутираа предизвиците со кои се соочуваат родителите поради недостигот на детски градинки во општината, ветените активности од страна на актуелната локална власт за решавање на овој проблем, како и потребата од зголемен граѓански ангажман и учество на засегнатите граѓани во поттикнувањето на локалната власт за исполнување на ветеното. 

Координаторот на проектот, Маја Петанческа, ја презентираше моменталната состојба во општината, при што сподели дека доизградбата на градинката во населба Точила беше предвидена со Буџетот на ЕЛС Прилеп за 2022 година со вкупно 44.497.000,00 денари. Отворањето на градинката беше планирано за септември 2022, додека изградбата на нова градинка во населба Кузман 2 како и пренамената на дел од просториите на основното училиште „Кочо Рацин“ не беа опфатени со буџетот за 2022 година, што значи на нив ќе се чека уште долго време. 

319707914 894125858444016 7442279386323779790 n MCMS

„Недостатокот на капацитети во детските градинки влијае и на вработливоста на граѓаните, кои поради тоа што децата се дома не можат да бараат работа, а тоа значи дека се намалува нивната финансиска моќ“, рече Јетон Ибески, учесник на форумот. „Недостатокот на капацитети предизвикува и пренатрупување во градинките, при што се губи квалитетот на услугите, а сето тоа влијае на развојот на децата. Се надевавме на тоа што е ветено од локалната самоуправа во предизборната кампања за пуштање во употреба на нови капацитети за решавање на овој проблем, но за жал се уште нема решение“, истакна Марија Тошева, учесник на форумот.

Здружението Станица П.Е.Т. ги сумираше дискусиите на учесниците и подготви заклучоци и препораки кои во вид на петиција ќе бидат доставени до Градоначалникот и Советот на Општина Прилеп, а истата ќе биде потпишана од сите учесници на форумите и други засегнати граѓани. Сите се согласни дека треба да биде направен поголем притисок врз локалната власт за исполнување на предизборните ветувања. 

Спроведувањето на овој форум е овозможено со проектот: Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ на Владата на Швајцарија кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а грантовите ги администрира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Потребен е поголем притисок врз локалната власт за исполнување на предизборните ветувања