„Законот е добар, ама политичарите нашле начин да го заобиколат“ - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

„Законот е добар, ама политичарите нашле начин да го заобиколат“ PDF Печати Е-пошта
Четврток, 12 октомври 2017 16:02

Антикорупциско тело со полициски овластувања или зголемување на ефикасноста на полицијата при соработката со антикорупциското тело, ова е препораката на Драго Кос, претседател на работната група на ОЕЦД за поткуп во меѓународни деловни односи, дадена на конференцијата  „Моделот на превентивното тело за  антикорупција: како функционира сегашниот модел и дали има потреба од измени?“ што ја организираа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Транспрентност Македонија (ТМ) на 9 октомври 2017 година. 

zakonot e dobar ama politicharite nashle nachin da go zaobikolat 1

„Самиот Закон за спречување на корупцијата и не е толку штетен“, рече тој, „проблемот е што политичарите во Македонија нашле начин да го заобиколат и да го заробат работењето на антокорупциското тело“, додаде Кос, поранешниот претседател на Антикорупциската комисија на Словенија. 

За Вања Михајлова, поранешен член на ДКСК, потребно е да се донесе нов закон за спречување на коруцијата кој ќе опфати  и спречување на судирот на интереси кој сега е регулиран со посебен закон. „За да се надминат досегашните проблеми и слабости потребно е да се преиспитаат постапките и критериумите за именување на членовите во Државата комисија за спречување на коруцијата (ДКСК) за да се зголеми довербата на граѓаните во оваа институција“, додаде таа. Новото законско решение го поддржа и Хари Локвенец, пратеник во Собранието на РМ и заменик претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Тој исто така се заложи за тоа анкетните листови на функционерите да останат достапни за јавноста и по завршување на нивните функции. 

zakonot e dobar ama politicharite nashle nachin da go zaobikolat 2

Игор Тантуровски, претседателот на ДКСК, ја истакна ограниченоста на ресурси, и финансиски и човечки, со кои се соочува ДКСК. „Ограниченост на ресурсите влијае во голема мера врз работата на ДКСК и резултира со не испорачување на сите надлежности кои се очекува да бидат исполнети“, истакна тој. Поранешниот антикорупционер Драган Малиновски ја критикуваше работата на ДКСК и истакна дека е доволно да се видат извештаите за да се заклучи дека цело време „тапкаме во место, па дури и назадуваме“. 

Марија Саздевски ги претстави резултатите од следењето на работата на ДКСК во периодот јануари - јуни 2017 г. Според извештаите, ДКСК одговорила на 2.686 барања за мислење од страна на државни институции за примена на Законот за спречување на корупцијата во изборен процес. „Комисијата не презела конкретни мерки за примена на Законот за заштита на укажувачите“ истакна Саздевски. „Само 18 од вкупно 1.291 институција активна во јавниот сектор доставиле полугодишни извештаи за примени пријави од укажувачи, а само 29 институции ја исполниле обврската за доставување информација за лице  овластено за прием на пријави од укажувачи, “ рече Саздевски и истакна дека ДКСК треба да презема соодветни мерки против институциите кои нема да ги исполнат овие обврски. 

zakonot e dobar ama politicharite nashle nachin da go zaobikolat 3

Потребно е брзо да се изнајде решение бидејќи, според досегашните критики, моменталната ситуација е лоша пред се за секојдневното функционирање, а исто така и за напредувањето на патот кон ЕУ“, истакна Драго Кос. 

Целта на конференцијата беше да се отвори дискусија за досегашното функционирање на ДКСК во спроведувањето на антикорупциските политики и борбата против корупцијата и потребата од измени на моделот на ДКСК како превентивно антикорупциско тело. 

Конференцијата е дел од проектот „Следење на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата“ што го спроведува МЦМС, а  финансиски е поддржан од Британската амбасада во Македонија и проектот „Подобрување на антикорупциските практики”, што го спроведува ТМ, финансиран од Европската Унија, ИПА Програма за граѓанско општество и медиуми 2014.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести „Законот е добар, ама политичарите нашле начин да го заобиколат“