Граѓанските организации клучни во обезбедувањето на социјални услуги во Словенија - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓанските организации клучни во обезбедувањето на социјални услуги во Словенија PDF Печати Е-пошта
Среда, 29 октомври 2014 00:00

Од 22 до 24 октомври 2014 г. во Љубљана, Словенија се одржа студиска посета на тема „Обезбедување на социјални услуги од страна на граѓанските организации во Словенија“ во организација на Словенскиот центар за невладини организации (ЦНВОС) од Љубљана и Балканската мрежа за развој на граѓанско општество (БЦСДН). На студиската посета учествуваше и Симона Огненовска од МЦМС.

Ljubljana

Целта на студиската посета беше претставниците на граѓанските организации и државните институции од Македонија, Србија, Црна Гора, Косово и од Албанија да се запознаат со системот на обезбедување на социјални услуги на граѓанските организации во Словенија. Учесниците имаа можност да ги посетат Министерството за труд, семејство, социјална работа и еднакви можности, Општина Љубљана како и  здруженијата „Проект човек“, „Алтра“ и Здружение за теорија и култура на хендикеп.

Министерството за труд, семејство, социјална работа и еднакви можности на Словенија уште во 1996 година ја согледало можноста и експертизата на организациите за соработка и финансирање на програми за социјална заштита. Постепено се создавал комбиниран систем за поддршка, а обемот на средствата се зголемувал па во 2013 година изнесувал 11.427.977 ЕУР.  Особено интересен за учесниците беше податокот дека нема законска основа за доделување средства за овие услуги на граѓанските организации, но тоа не го спречува функционирањето. Дури оваа година, врз основа на стекнатото искуство и научени лекции низ изминатите 18 години формирана е мешана работна група, предводена од организации која ќе подготви предлог закон.

Учесниците добија препораки за успешно застапување пред националните и локалните власти од страна на здруженијата во Словенија кои произлегуваат од нивното дваесетгодишно работење. Тие ги споделија и научените лекции односно што би направиле поинаку доколку започнат со нови иницијативи.

Силен впечаток остава исклучително посветеното, ентузијастичко и организирано граѓанско општество кое постојано иницира промени и се залага за своите каузи и целни групи. На ова се должи големиот успех и покриеноста со разновидни услуги за социјална заштита во Словенија.

Студиската посета се спроведе во рамки на проектот „Acquis на балканското граѓанско општество: Јакнење на потенцијалот и капацитетите на граѓанските организации за застапување и лобирање“. Проектот е спроведуван од БЦСДН и членките на БЦСДН, во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право (ЕЦНЛ) и Европската мрежа на национални граѓански организации (ЕННА), а финансиски поддржан од Европската Унија.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓанските организации клучни во обезбедувањето на социјални услуги во Словенија