Новинарите и „Антикорупциската писменост“ - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Новинарите и „Антикорупциската писменост“ PDF Печати Е-пошта
Петок, 18 Февруари 2011 14:38

На 17 февруари во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје МЦМС организираше еднодневна работилница наменета за новинарите на тема  „Антикорупциска писменост“. Фацилитатор на настанот беше Владимир Мисев, претседател на Институтот за демократија и предавач на Високата школа за новинарство и односи со јавноста. Гостин воведничар беше Софка Пејовска – Дојчиновска, Генерален секретар на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Новинарите и „Антикорупциската писменост“

Целта на овој настан беше да се придонесе кон зголемена информираност за состојбата со корупцијата во Република Македонија и да се направи споредба со другите земји (пред се Бугарија). Ова треба да овозможи започнување на расправата за тоа кои се стратешките приоритети на медиумите во спречувањето на корупцијата во Република Македонија.

На првата сесија Владимир Мисев го претстави извештајот за состојбата со корупцијата во Бугарија „Злосторство без казна“ кој што МЦМС го издаде и го промовираше во октомври минатата година. Посебен осврт беше даден на политичката корупција и облиците во кои таа се појавува  во текот на првите две години од членството на Бугарија во Европската Унија.

На втората сесија г-ѓа Пејовска-Дојчиновска од ДКСК ги запозна учесниците со законската рамка за спречување на корупцијата и судирот на интереси во Република Македонија, надлежностите на Комисијата, работата, досегашните активности и планови за иднина.

Во дискусијата на крајот на работилницата учесниците најмногу се интересираа за претставките поднесени до Комисијата и нивната успешност во однос на иницијативите доставени до обвинителството.

Работилницата е дел од активностите наменети за јакнење на капацитети на различни чинители (како што се ГО, новинари, државни службеници) важни за започнување на расправата за тоа кои се стратешките приоритети за спречување на корупцијата во Република Македонија.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Новинарите и „Антикорупциската писменост“