Општествена одговорност на граѓаните 2021 - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Општествена одговорност на граѓаните 2021 PDF Печати Е-пошта

Автор: Јасмина Чаушоска
Дата: октомври 2022 година
ИСБН: 978-608-4848-45-5
ПДФ:  Opstestvenata_odgovornost_na_gragjanite_2021.pdf

oog 2021Македонскиот центар за меѓународна соработка по петти пат ја истражуваше општествената одговорност на граѓаните. 

Истражувањето покажа дека мнозинство од граѓаните (57,5%) ја сметаат државата за најодговорна за решавањето на општествените потреби. За 11 години, оваа бројка пораснала за 7 процентни поени. Од друга страна, во истиот период (2010 – 2021) за околу 10 пп (од 33,4% на 23,2%)  паднал бројот на оние кои сметаат дека одговорноста треба да биде заедничка.

Со истражувањето е проверуван и јавниот дух на граѓаните преку оценка на степенот на оправданост на неколку генерално општествено неоправдани активности. За речиси 21 пп се зголемил бројот на граѓани за кои е неоправдано да се плаќа во готово за услуги за да се избегнат даноци и сега изнесува 83,4%, за разлика од 2010 година кога бил 62,6%. 

Граѓаните повеќе се социјализираат. Тие најчесто се дружат со своето потесно и/или пошироко семејство (66,6%) и со своите пријатели (54,9%), а помалку со колегите од работа (30,4%). Времето поминато со семејството се зголемило за околу 16 процентни поени во однос на 2010 кога изнесувало 49,9%. Пораснал и бројот на оние кои посетуваат верски храмови од 20,2% на 29,9%. Помладите, оние со повисоки примања и оние со завршено вишо или високо образование почесто се дружат со пријателите, колегите и повеќе време издвојуваат за спортски или рекреативни активности. 

Има значителен пад во учеството на граѓаните во непартиски активности во споредба со истражувањето пред 11 години. Вкупно 15,0% рекле дека се вклучуваат во потпишување петиција во споредба со 25,7% во 2010 година. Околу 14% учествувале на мирен протест за разлика од 36,6% кои го направиле тоа пред 11 години. Најактивни во непартиски активности се граѓаните на возраст од 30 до 49 години, а лицата со повисоко образование се повеќе вклучени во непартиски активности.

И учеството во доброволни акции бележи значителен пад. Само 7,6 % од граѓаните изјавиле дека во последните 12 месеци учествувале во доброволни акции, додека овој процент во 2010 година изнесувал 21,9 %. 

Се зголемил бројот на граѓаните кои членуваат во било која форма на здружување во однос на 2010 година. Црквите и верските организации се најпривлечни за граѓаните односно 43,6 % од нив се нивни активни или неактивни членови. Политичките партии кои сега се второ рангирани според членството (39,1%) биле прво рангирани пред 11 години (37,5 %). Бројот на активни членови во политичките партии пораснал за 4,2 пп, додека бројот на неактивни членови се намалил за 2,6 пп. По црквите и верските организации, најголем пораст кај членството се забележува кај граѓанските организации. Вкупно 36,8% од граѓаните изјавиле дека членуваат во граѓанска организации од кои, секој петти (20,7%) е активен.

Се забележува големо опаѓање во дарувањето во добротворни цели во последните 12 месеци споредено со истражувањето спроведено пред 11 години. Во 2021 година 27,0% од граѓаните дарувале (пари или добра) во добротворни цели во последните 12 месеци. Во 2010 година овој процент изнесувал 65,2 %. 

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации Листа на истражувања и публикации