| Граѓанските организации со предлози за подобра Национална стратегија за спречување на корупцијата |
|
| E enjte, 23 prill 2026 08:29 | |
|
Македонскиот центар за меѓународна соработка на 21.04.2026 година организираше тематска работилница посветена на предлог Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030, како и на Акцискиот план за нејзино спроведување. На работилницата учествуваа претставници од организациите членки на Платформата на граѓански организации за борба против корупција.
Целта на работилницата беше да се разгледаат предложените документи и да се утврдат можностите за нивно унапредување, но и да се постави основа за креирање методологија за следење на спроведувањето на стратегијата. Првиот дел беше посветен на детално разгледување и дискусија по однос на предлог Националната стратегија и акцискиот план, при што сите учесници врз основа на својата експертиза и област на делување имаа можност да дадат конкретни забелешки и предлози со цел подобрување на содржината на документите. Вториот дел беше посветен на методологијата за мониторинг на стратегијата и нејзиниот Акциски план. Оваа методологија во иднина ќе ја користи МЦМС за следење на степенот на спроведување, ефектите и финансиските импликации од предвидените мерки и активности.
По завршување на работниот дел од работилницата, учесниците заеднички се договорија во име на Платформата да се подготви пишан документ со конкретни предлози во однос на предлог Националната стратегија и истиот да се достави до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), со барање дадените предлози и сугестии да бидат земени предвид при изготвување на финалната содржина на овие документи. Дополнително, добиените предлози и коментари по однос на Методологијата за мониторинг ќе овозможат да се креира поефикасно и поефективно следење на утврдените мерки и активности од самиот акт. Работилницата е организирана во рамки на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, финансиски поддржана од страна на Европската Унија.
|