Форуми во заедниците Аеродром, Берово, Радовиш и Конче |
Општа цел на проектот беше подобрени услуги за граѓаните во заедниците преку зголемена одговорност на институциите, граѓанските организации и граѓаните. Цел на проектот беше воспоставување на партиципативни пристапи во заедниците. Целна група на проектот беа граѓаните од општините Аеродром, Берово, Радовиш и Конче. Целното подрачје ја опфати територијата на четирите општини. Со проектот се постигнаа следните резултати: Развиени вештини и ставови на граѓаните и ЕЛС за активно учество на граѓаните во развојот на заедницата на локално ниво, и спроведени проекти избрани на форумите. Активностите преку кои беа постигнати горенаведените резултати беа:
а) Спроведување на форумски сесии Во рамките на форумите во општините Аеродром, Берово, Радовиш и Конче, беа реализирани вкупно 22 форумски сесии од кои првата беше информативна, додека последната т.н. последователна сесија се одржа на крајот на проектот и имаше за цел да ги презентира постигнатите резултати од реализираните проекти избрани на форумите од самите граѓани. Во општина Аеродром спроведен беше проектен форум, во Берово буџетски, а во општините Радовиш и Конче спреведен беше меѓуопштински форум. На сите форумски сесии вкупно учествуваа 2283 жители на четирите општините, од кои 983 жители на општина Аеродром, 455 жители на општина Берово и 845 жители на општините Радовиш и Конче, или просечно по 122,9 во Аеродром, потоа 75,7 во Берово односно 105,6 во Радовиш/Конче на една форумска сесија. Помеѓу сесиите одржани беа повеќе работилници и обуки за проектно планирање, обука за формулација на проекти и обука за подготовка на буџети кои овозможија квалитетна подготовка на предлог проектите предложени од страна на учесниците на форумите. МЦМС имаше одговорност за управување на проектот, а заедно со општините Аеродром, Берово, Радовиш и Конче имаа одговорност за негово спроведување. Временскиот период на спроведување траеше од 1 септември 2009 до 28 февруари 2011 год. б) Финансирање и набљудување на спроведувањето на проектите На седмата форумска сесија учесниците на форумите во општините Аеродром, Радовиш и Конче, односно петтата во Берово, по пат на гласање од вкупно четириесет и три предложени проекти (35 во Берово, 5 во Аеродром и 3 во Радовиш/Конче), избраа три. Во рамките на сите три форуми беше избран по еден проект. Целокупните процедури за реализација на трите проекти (потребни одобренија и согласности за градба, тендери, избор на изведувачи и надзор), беа спроведени од администрациите на општините Аеродром, Берово, Радовиш и Конче во директна соработка со претставници на МЦМС и ЕКФ. Вкупниот реализиран буџет изнесува 28.487.622,50 МКД. Проектот е финансиран од СДЦ и општините Аеродром, Берово, Радовиш и Конче. |