Граѓанскиот ресурсен центар ја зајакнува локалната поддршка за граѓанските организации Shtyp
E mërkurë, 20 maj 2026 11:45

Со изборот на тројца нови регионални експерти од граѓанското општество, Граѓанскиот ресурсен центар го проширува своето делување и поддршка на локално ниво, поточно во Североисточниот, Југоисточниот и Вардарскиот плански регион.

screenshot 2026 05 04 102053 980x551

Во мај 2026 г. Жаклина Цветковска, Столе Георгиев и Ѓорѓи Нанчев ги започнаа своите активности како регионални експерти од граѓанското општество кои ќе функционираат како ресурсни соработници на ГРЦ за поддршка, комуникација и зајакнување на локалните организации. Тие беа избрани на отворениот Повик за избор на регионални експерти од граѓанско општество.

Избраните експерти, како составен дел на Националната платформа на ГРЦ на поддржувачи на граѓанските организации, ќе обезбедуваат ресурси, насоки и поддршка на локално ниво, за подобрување на капацитетите на ГО во соодветните региони и пошироко. Тие ќе поттикнуваат соработка и вмрежување меѓу ГО како и со други засегнати страни и ќе го олеснуваат споделувањето на знаење и најдобри практики меѓу ГО.

zhaklina cvetkovska 630x630Жаклина Цветковска е регионален експерт за Североисточниот плански регион.

Таа има над 25 години искуство во граѓанско општество како и над 30 години искуство со новинарство и медиуми. Дополнително, има околу 15 години искуство во спроведување обуки, фацилитирање и менторство во различни области како видливост и односи со јавноста, застапување и креирање политики како и секторите: локален економски развој и родови прашања.

„Како регионален експерт на ГРЦ мојата задача е практично да им помогнам на граѓанските организации да изградат посилни капацитети и да станат препознатливи во јавноста. Со конкретно менторство и насоки, целта е организациите да станат поефикасни, поодржливи и значително повидливи за да можат да го зголемат своето влијание врз општествените промени“ истакна Жаклина Цветковска при започнувањето на нејзиниот ангажман на локално ниво.

stole georgiev 630x630Столе Георгиев е регионален експерт за Југоисточниот плански регион.

Столе има повеќе од 20 години искуство во областа на развој на граѓанското општество, локалниот и руралниот развој, стратешкото планирање и управувањето со проекти. Активно работи на јакнење на локалните капацитети, мобилизација на заедницата и развој на партнерства во Југоисточниот регион. Во текот на својата работа има реализирано бројни обуки, менторски сесии, локални иницијативи и проекти во областа на руралниот развој, заштита на животната средина, енергетска ефикасност, климатските политики и развојот на граѓанското општество.

„Верувам дека силните локални заедници и активните граѓански организации се клучот за одржлив развој, граѓанско учество и создавање подобри услови за живот во Југоисточниот регион“- истакна Столе Георгиев при започнувањето на негиовиот ангажман на локално ниво.

slika gjorgji 630x630Ѓорѓи Нанчев е регионален експерт за Вардарски плански регион.

Со повеќе од 20 години искуство во граѓанско општество, со фокус на секторите млади и локален економски развој, тој има особено има искуство во јакнење на други локални организации во секторот млади и воспоставување на младински центри на локално ниво. Има спроведено низа активности за градење капацитети на други организации и млади во областите: прибирање на средства, вмрежување и градење партнерства, организациско јакнење и застапување. Има солидно познавање на локалниот контекст и локалнтие организации во Вардарскиот плански регион и пошироко.

„Голема чест ми е и задоволство како регионален експерт во ГРЦ да го споделам своето знаење и да допринесам во професионални консултаци и соодветни ресурси за граѓанските организации. Само со јакнење на капацитетите, стабилноста и зголемена активност на ГО може да се дојде до нивната улога во општеството во донесување на промени“ истакна Ѓорѓи Нанчев при започнувањето на неговиот ангажман на локално ниво.

Програмата на ГРЦ за градење на капацитетите на регионалните експерти за квалитетно спроведување на нивните услуги се реализираше онлајн на 4 мај 2026 г, по што беше изготвен и план за нивната работа во 2026 година.

Тие се приклучија на Анита Гаговска и Златко Талевски, регионални експерти за Југозападниот и Пелагонискиот регион, кои повеќе од година обезбедуваат континуирана поддршка на локалните организации во своите региони и пошироко, придонесувајќи кон нивно зајакнување, вмрежување и развој.

Активностите на регионалните ресурсни соработници на ГРЦ се дел од проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.


Te nderlidhura: