Спортот не е имун на нееднаквост и насилство: потребни се конкретни и системски промени за надминување на пречките Shtyp
E mërkurë, 11 mars 2026 19:04

Со конференцијата „Фер игра: еднаквост и нулта толеранција за родово базирано насилство во спортот“, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го заокружи процесот на собирање на податоци кои покажуваат како жените се застапени на позиции на одлучување во спортските организации. Истражувањата укажуваат и на искуствата и препознавањето на различните форми на родово базирано насилство врз жените во спортот, нивото на свесност на спортистките и постоењето, видливоста и користењето на механизмите за заштита. Учесниците на конференцијата отворија широка дискусија која овозможи да се согледаат пречките и бариерите и можните решенија.

Untitled design1

Воведни обраќања на настанот имаа Даниел Димевски, претседател на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Ирена Иванова, таск менаџерка во Делегацијата на Европската Унија, Жаклина Пешевска, претседателката на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите во Собранието (видео обраќање) и Александар Кржаловски, директор на МЦМС.

„Во спортот постои дебалансирана состојба помеѓу можностите на жените и на мажите. Можеме да бараме изговори бидејќи сепак спортот почнал како машка дисциплина и сето останато но, ако ја следиме праксата на Меѓународниот олимписки комитет, веќе имаме жена претседателка и ова е многу силен сигнал. И не само тоа, Олимписките игри станаа избалансирани меѓу мажите и жените“ рече на конференцијата Даниел Димевски. 

Slika 1 MCMS1

Резултатите од спроведеното истражување Родова еднаквост и инклузивност во спортот во Северна Македонија покажуваат дека жените се значително помалку застапени на позиции на одлучување во спортските организации. Според одговорите на организациите, само 13% имаат претседателки, додека 17% имаат жени на позициите за генерални секретари. Кај родовата застапеност на членовите на генералните собранија, се гледа значајно голема застапеност на мажите од 83%, од кои 10% се мажи со попреченост, наспроти само 17% жени, од кои 3% жени со попреченост. Кога станува збор за членовите на извршното тело на спортската организација, родовата застапеност е повторно во корист на мажите кои се претставени со 77%, од кои 9% се мажи со попреченост, додека жените се 23%, од кои само 2% се жени со попреченост.

Охрабрува податокот дека, во најголем дел од организациите (77%) родовата еднаквост е дел од стратегијата на организацијата, потоа во статутите (27%) и во деловниците (20%). Но, во најголем дел од организациите, нејзиниот статус е само делумно спроведен (48%).

Истражувањето опфати и интервјуа со претставници на спортскиот сектор, кои посочија дека постои свест за потребата од поконкретни мерки за поголемо учество на жените во спортот, вклучително и преку воведување родови квоти. Една од забелешките е потребата за воведување на квоти преку Законот за спорт бидејќи во спротивно нема да  се случи промена во догледно време. Некои од експертките сметаат дека родовата перспектива во спортот веќе ја има, но проблемот е што „сѐ е само на хартија“. Тие посочија дека „мора да се ревидираат стратегиите, законите, политиките, треба да се предвидат соодветни мерки и казни за непочитување. Нема статистички податоци за жените во спортот, па немаме политики засновани на докази, но и спроведувањето е непостоечко. Исто така, проблематично е што Законот за спорт се прави зад затворена врата“.

„Јас сум жена во спортот која целиот свој живот го поминала на кошаркарските терени прво како кошаркарка и репрезентативка, како кошаркарски тренер и селектор и сега веќе сопственик на женски кошаркарски клуб и искрено ќе кажам дека постојат многу бариери со кои се соочуваат спортистките. Некои од бариерите се видливи некои не се видливи, а една од најпознатите бариери е финансиската поддршка“ кажа Едина Муса.

Slika 2 MCMS1

„Голема новина кај нас во Тениската федерација е обврзувачка политика спрема клубовите за родовата еднаквост која треба да се сфати како начело и принцип на работа на целата федерација. Имаме воспоставено Комисија за родова еднаквост и избрани членови“ кажа Елена Никодиновска Аџар, техничка секретарка на Тениска федерација.

Бидејќи родово базиранoто насилство во спортот е слабо истражена и недоволно видлива појава, МЦМС спроведе второ истражување насловено „Родово базирано насилство врз жените во спортот во Северна Македонија. Според наодите од анкетата со спортистките, на прашањето: Колку е присутно вознемирувањето и насилството врз спортистките во Северна Македонија?, 52% сметаат дека е ретка појава, додека 35% го сметаат за честа појава, само 10% од спортистките изјавиле дека не постои, за 3%, насилството е многу честота појава во спортот.

На прашањето, кои ситуации ги доживеале за време на спортување, вклучително на тренинг, натпреварување, патувања, спортски настани, дури 62% од спортистките се соочиле со навредливи или понижувачки коментари, а 35% со агресивно или застрашувачко викање. Дел од спортистките (11%) се соочиле со исклучување или запоставување од тренинг или натпревар и закани, уцени или други облици на присила. Помал број спортистки се соочиле со онлајн вознемирување, физичко малтретирање и несакани сексуални коментари или допири. Само 22% изјавиле дека не се соочиле со ништо од наведеното.

Панелот насловен: „Родово базирано насилство врз жените во спортот: како да преминеме од молчење до одговорност?“, ги дискутираше токму наодите од ова истражување.

Slika 3 MCMS1

Од спортистките кои доживеале некаков вид вознемирување или насилство, загрижува фактот што само 13% го пријавиле случајот. Од оние кои го пријавиле, тоа најчесто го направиле кај тренерот/ката (61%), додека 31% го пријавиле случајот кај друго лице во клубот, како администрација или раководство. На прашањето, Дали во клубот или федерацијата постои назначено лице или механизам за заштита („safe sport“)?, речиси две третини од спортистките (68%) изјавиле дека не знаат, додека 18% сметаат дека такво лице не постои.

Во посебна анкета беа прашани спортските федерации дали имаат усвоено официјална политика, протокол или кодекс кој опфаќа и превенција и постапување при вознемирување или насилство врз спортисти/ки?. Повеќе од половина (56%) од федерации кои одговорија на анкетата посочија дека немаат усвоено таков документ, за разлика од 44% кои имаат.

„За жал жените спортисти се уште не ги познаваат овие механизми доколку постојат, а се во мала мерка присутни, меѓутоа она што важи за родово базираната дискриминација важи и за родово базираното насилство дека оние механизми на заштита кои се присутни на национално ниво им се на располагање без разлика дали ќе биде центар за социјална работа, обвинителство, полиција па дури и Комисијата за недискриминација“ кажа Бојана Јовановска. 

Само (28%) од федерациите имаат воспоставен конкретен механизам за заштита на спортистите/ките и постапување по пријави за вознемирување или насилство, додека ист број федерации изјавиле дека тој механизам е во подготовка. Една третина од федерации немаат ваков механизам (32%), а најмал дел (12%) изјавиле дека немаат информација за неговото постоење во нивната федерација. Речиси половина, односно 48% од федерациите организирале или учествувале во обуки/активности за подигнување на свеста за безбедност на спортистките, родова еднаквост или „безбеден спорт“ во последните пет години, наспроти 44% кои немале вакви активности.

„Ние цело време разговараме за механизми кои треба да застанат на стабилни нозе во нашата држава, овој панел сакам да го завршам со една молба до сите вас да дадете поддршка за сите спортистки и млади девојки на кои може денес ќе им биде првиот ден кога ќе зачекорат во спортот. Покажете им дека спортот може да биде една здрава заедница. Кога ќе се чувствуваат почитувани, заштитени и сакани тие не само што ќе носат медали ќе бидат и пример за понатаму во општеството и инспирација за идните деца“ кажа Ангела Мојсовска.

Slika 4 MCMS1

Конференцијата беше дел од проектот „Фер игра: поддршка за родова еднаквост во спортските политики“ што го спроведуваат Олимпискиот комитет, МЦМС, Спорт социал солушн и Параолимпискиот комитет, со финансиска поддршка од Европската Унија.


Te nderlidhura: