| МЦМС ја започна новата антикорупциска програма |
|
| E mërkurë, 21 janar 2026 15:44 | |
|
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.
Корупцијата и понатаму претставува еден од најсериозните предизвици за владеењето на правото, довербата во институциите и демократскиот развој на државата. Ограничената примена на планираните мерки, недоволниот надзор и отсуството на ефикасни механизми за јавна отчетност создаваат простор антикорупциските политики да останат само формално усвоени документи. Новата програма директно одговара на овие слабости преку воведување иновативни дигитални алатки, градење капацитети и поттикнување општествена промена во односот кон корупцијата. Целта на програмата е создавање општество отпорно на корупцијата преку зајакнување на отчетноста, транспарентноста и активно граѓанско учество. Преку јакнење на транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните, граѓанските организации и приватниот сектор во следењето и спроведувањето на антикорупциските политики, се очекува да се намали корупцијата во Северна Македонија. Активностите ќе се спроведуваат на национално ниво и се наменети за граѓанските организации, приватниот сектор, антикорупциските активисти, медиумите, како и за граѓаните како крајни корисници, кои ќе имаат поголем пристап до информации и можности за активно учество.
|