Предизвиците за околината во која функционираат граѓанските организации остануваат исти Печати
Понеделник, 24 ноември 2025 13:18

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го објави краткиот преглед (brief) за Северна Македонија од Матрицата за следење на овозможувачката околина за развој на граѓанското општество за 2024 година.

Според прегледот, околината во која функционираат 12.684 регистрирани граѓански организации е овозможувачка. Слободата на здружување е загарантирана за сите со закон и се практикува без ограничувања. Сепак, потребно е подобрување во одредени области. Во 2024 година, продолжи да расте бројот на стратешки тужби против јавно учество (SLAPP), кои претставуваат значителна закана за слободата на изразување и за граѓанската ангажираност.
monitoring matrix 2024 cover

 

Државното финансирање и понатаму е предизвик за граѓанските организации. Немаше напредок во дефинирањето на сеопфатната реформа во оваа област. Државното финансирање и понатаму е недоволен извор на приходи за ГО и е достапно само за ограничен број организации. Собраните информации покажуваат дека државните фондови, на централно и локално ниво во 2024 година биле 918.389.266 МКД или околу 14.8 милиони евра што е 8,8% од вкупните приходи на граѓанските организации.

Немаше суштински напредок ниту во ревизијата на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, и покрај претходните заложби дека процесот ќе се спроведува во консултација со граѓанските организации. Иако работната група во Министерството за правда останува активна, годината помина без значајни развои во оваа област.

Покрај тоа, фискалниот третман на граѓанските организации во Северна Македонија остана во голема мера непроменет. Потребно е да се поедностават фискалните регулативи и да се зголемат упатствата кои ќе им помогнат на ГО полесно да ги користат даночните поволности. Административните процедури поврзани со ослободувањето од ДДВ, финансиското известување и пристапот до домашни и странски средства треба да се рационализираат. Реформите на трудовото и даночното законодавство треба да го намалат товарот за ГО кои се вклучуваат во економски активности.

Во 2024 година остана на сила бојкотот на членовите на Советот, а властите не успеаја да ги вратат стандардните буџетски алокации во ставката 463 од Буџетот. Ова ги нагласува системските недостатоци во односите држава - граѓанско општество. Кон крајот на годината се иницирааа процеси за воспоставување нов Совет за соработка.

Владата не ги вклучи граѓанските организации во приоритетните области и консултативните процеси. И покрај формалните механизми за консултација, како што се ЕНЕР и задолжителните рокови, само 35% од законите за кои е потребно јавно учество беа отворени за консултација во 2024 година. Ова е опаѓање во однос на 2023 година кога тој процент изнесувал 51,4%.

Предизвик станува и пристапот до информации од јавен карактер. Според анкетата, 25 организации (33%) изјавиле дека не успеале да ги добијат информациите што ги побарале. Во однос на слободата на изразување, 20 организации (8%) изразиле страв за својата безбедност како граѓански активисти. Дополнително, 15 организации (6%) пријавиле дека нивните комуникациски канали, како што се социјалните мрежи или е-пошта, биле блокирани. Други 15 организации (6%) изјавиле дека се соочиле со прогон за учество во онлајн групи, додека 30 организации пријавиле различни форми на напади и заплашувања.

МЦМС ја истражува околината во која функционираат граѓанските организации од 2013 година и на тој начин обезбедува квалитетни податоци, анализа и препораки во процесот на следење на спроведувањето на постоечките, и за поддршка на нови државни политики за развој на граѓанскиот сектор.


Поврзани: