А1: Забрзана реконструкција на кризните региони Print
Tuesday, 18 September 2001 01:00

aracinovo521 живеалиште, оштетени за време на шестомесечните воени дејства, од утре ќе започнат организирано да се реконструираат.

Владиното координативно тело за справување со кризи во соработка со Македонскиот центар за меѓународна соработка забрзано ги проценува штетите предизвикани од шестмесечните борби. Проектот на МЦМС ќе започне во безбедните области, во кумановското село Лопате и скопското село Брњарци. Градежниот материјал ќе се набавува од домашни производители, а при поправките на најоштетените куќи организацијата ќе ангажира и градежни работници. За почетните реконструкции МЦМС досега обезбедил половина милион долари од организацијата „Цркви на Западна Европа“ и донација од канадската Влада вредна 200 илјади долари. Акцијата има за цел да го потикне населението да се врати во своите домови и останатите агенции да започнат со процесот на реконструкција на оштетените куќи. Странските агенции се уште не се чувствуваат безбедни во кризните региони и не инвестираат во реконструкцијата поради стравот од повторно избивање на судирите.

Во тек е и проценка на оштетените објекти во липковската општина, а постојат надежи дека ќе се обезбедат средства за санирање на средновековниот манастир „Мала Богородица“ во Матејче. Денеска Координативното тело за справување со кризи проценки вршеше и во тетовските села Непроштено и Лешок. Реконструкција на оштетените објекти во областите каде што се уште има повремени борби и опасности од вооружени дејства ќе се изведе подоцна, заради безбедноста на месното население и на градежниците.

Набргу, неколку невладини организации треба да започнат со реконструкција на над 800 оштетени куќи во селото Арачиново.

Градoнaчалникот на Арачиново Решат Ферати ги отфрла како неточни обвинувањата на Mакедонците од селото дека домовите им се oграбени од страна на нивните соселани Албанци и дека им се упатуваат заканувачки пораки за напуштање на куќите и имотот. „За безбедноста во Арачиново се грижи новата полициска станица во селото, а таму не е регистриран ниту еден пријавен инцидент“, вели Ферати. Градоначалниот упати апел до граѓаните да се вратат во своите домови. И жителите Албанци ги отфрлаат обвинувањата од нивните соселани Македонци. Од друга страна, пак, Македонците од Арачиново тврдат дека и од тоа што останало од нивните домови и имоти, по прогласувањето на ослободена зона на нивното село од страна на албанските терористи, постојано се ограбува, а заканите претставуваат секојдневие. Во Арачиново сеуште нема струја и вода, а жителите се во исчекување да започне обновата на нивните разурнати домови.

Извор: А1 (18.09.2001)


Related: