Стратешките цели и приоритети на граѓанските организации- клучна појдовна точка за развој на проектни идеи Shtyp
E premte, 08 maj 2026 15:45

„Развојот на проектни идеи и подготовката на проекти и програми треба да биде поврзано со стратешките цели и приоритети на граѓанските организации“ беше општиот заклучок на Работилницата за Стратешко планирање која на 05-06 мај 2026 г. беше организирана од страна на Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје.

viber image 2026 05 06 14 14 52 158 980x551

Работилницата на оваа тема се одржа како последователна активност на олајн обуката за Стратешко планирање, а учесниците на истата беа избрани на отворен повик.

Учесниците на оваа работилница го зголемија своето знаење и вештините за стратешко проектирање на посакуваната иднина и правецот по кој организациите сакаат подолгорочно да се движат.

Првиот ден од работилницата беше посветен на анализа на состојбите во граѓанските организации. Со цел да добијат прецизна и точна слика за состојбите на нивните организации, учесниците добија теоретски знаења за принципите на кои се базираат двата вида анализа: внатрешна, во рамки на која се анализираат внатрешните организациски елементи, кои организацијата може да ги контролира, како и надворешна анализа во рамки на која се анализира генералното опкружување во кое делува организацијата. Потоа учесниците имаа можност и практично да ги применуваат алатките за внатрешна и надворешна анализа на состојбите преку користење на Интегрираниот организациски модел (ИОМ), Анализа на чинители-Институциограм, SWOT анализа и матрицата за Стратешка ориентација и да научат како добиените резултати да ги користат како основа при донесување на одлуки на стратешко ниво.

img 0103 1 980x735 MCMS

Вториот ден од работилницата учесниците работеа на креирање на визија и мисија и одредување на стратешки приоритети и долгорочни цели на нивните организации, а потоа и на поврзување на нивните стратешки приоритети со развојот на проектни идеи и подготовка на проекти и програми.

На крајот од работилницата беа разгледани неколку различни формати на стратешки планови и беше дискутирано со учесниците дека процесот на стратешко планирање треба да се прилагоди така да одговара на реалната состојба и реалните можности на организациите.

„Ова е исклучително корисна работилница за нашата организација, особено што се наоѓаме во ситуација да правиме реорганизација и нов Стратешки план“ рече Весна Златевска од Здружението Доверба од Скопје. „За нас работилницата се случи во вистинско време“ додаде таа.

viber image 2026 05 06 14 14 26 283 980x552 MCMS

Работилницата е од голема вредност за сегашното и идното работење на Хуманитарната организација за заштита и помош на стари лица Живот и Надеж од Скопје “ изјави Александра Илиева Милчова, претседател на здружението. „Од посебно значење ни беа темите поврзани со надворешната и внатрешната анализа на организацијата, визијата и мисијата, како и практичната размена на искуства и можностите за идна соработка со дел од присутните“ истакна таа.

И за Гоце Блажевски, претседател на  Здружението за социјални услуги ДОБРО СРЦЕ од Прилеп, работилницата за Стратешко планирање беше од големо значење за понатамошната работа на неговото здружение: „Знаењата стекнати на работилницата ќе ги искористиме за квалитетна подготовка на нов Стратешки план на здружението. Стекнав многу позитивни впечатоци од работилницата и професионалната и инспиративна презентација на обучувачката“ рече тој.

Работилницата беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар


Te nderlidhura: