Нови можности за соработка во управувањето со отпадот |
![]() |
E hënë, 28 prill 2025 08:45 | |
Компанијата „Пакомак“, која веќе 15 години се занимава со селекција и преработка на отпад од пакување, се сретна со претставници на граѓански организации поддржани од Цивика мобилитас за да ја зајакнат соработката и да го подобрат системот за селекција на отпадот. Средбата се одржа на 24 април 2025 година во просториите на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Претставникот на „Пакомак“, Ико Брдароски, презентираше тековните активности, потенцирајќи ги инвестициите во инфраструктура и едукација на граѓаните за значењето на рециклирањето. Еден од клучните проекти на компанијата е воспоставувањето смарт систем за управување со отпад од пакување, во соработка со Швајцарската амбасада. Проектот трае 38 месеци и подразбира инсталација на 70 вендинг машини за поврат на амбалажа, како и развој на софтвер и сензори за мониторирање на исполнетоста на контејнерите. „Пакомак соработува со 68 општини во земјава, што е околу 80% покриеност на национално ниво. Во моментов, сите 1700 контејнери со кои располагаат имаат вградено сензори кои сигнализираат колку се исполнети, што овозможува оптимизација на рутите за собирање на отпадот и намалување на трошоците“, истакна Брдароски, дополнувајќи дека Македонија е првата земја во Европа со 100% покриеност со ваков смарт систем. Тој додаде дека е планирано дополнително поставување на 80 вендинг машини во наредните три до четири години. „Кога бројот на вендинг машини ќе достигне 200, системот ќе премине од сегашниот модел со ‘зелени поени’ на паричен депозит, модел кој веќе успешно функционира во многу западноевропски земји“, рече Брдароски. Покрај инвестициите во инфраструктурата, „Пакомак“ спроведува и низа активности за едукација и подигнување на јавната свест преку рекламни и промотивни материјали во маркети, училишта и шопинг центри. „Иако законски буџетот за едукативни активности е ограничен на 5-15%, потребна е синергија со локалните компании и организации за ефикасно ширење на еколошката свест“, потенцираше Брдароски. Претставниците на граѓанските организации посочија дека е неопходна подобра координација помеѓу комуналните претпријатија и општините, особено за унифицирање на регионалниот пристап кон отпадот. Бојана Станојевска од Центарот за климатски промени истакна дека „примарната селекција на пластика треба постепено да се воведува во сите домаќинства, паралелно со воведувањето на вендинг машините“, додавајќи дека проектите финансирани од Цивика мобилитас активно работат на создавање навики за селекција и примарно сортирање кај граѓаните. Како успешен пример за ангажираност на малите општини во селекцијата на отпадот беа наведени Крива Паланка, Босилово и особено Берово, каде според Брдароски, „околу половина од домаќинствата активно ги користат контејнерите“. Емилиа Героска од организацијата Про Локал предложи интензивирање на соработката со училиштата од Пелагонискиот регион, додека Јасмина П. Нешкоска од Еко Логик предложи „да се размисли за креативни начини за анимација на учениците и повторно активирање на машините кои се поставени во училиштата, но не се користат доволно“. Претставниците на организациите се согласија дека добар начин за мотивирање на учениците организирање натпревари помеѓу училиштата за најдобри резултати во селектирањето и рециклирањето на отпадот. „Месечно добиваме по 1000 нови корисници на вендинг машините, без да го зголемиме нивниот број. Тоа е доказ дека интересот кај граѓаните постои, само треба дополнително да се поттикне и навиките да останат“, заклучи Брдароски. Во таа насока е и воведувањето на оптичка линија за селекција на отпад, со поддршка од Швајцарската влада. „Денес селекцијата е мануелна и достигнува капацитет од околу еден тон дневно. Со новата автоматска линија ќе можеме да селектираме и до 10 тони отпад на ден“, истакна Брдароски. Учесниците ја завршија средбата со договор дека ќе ги продолжат дискусиите за време на претстојната Средба за вмрежување, и ќе отвораат можности за нови соработки во областа на управувањето со отпадот и заштитата на животната средина.
|