Заедно за побезбедни заедници: спроведување на Патоказот за СНЕ/БТ на локално ниво Печати
Четврток, 24 септември 2026 12:20

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во соработка со Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам (НКСНЕБТ), го организираше третиот координативен состанок меѓу националните институции, општините и граѓанските организации на 22 септември 2026 година, во хотел „Стоун Бриџ“ во Скопје. Во фокусот беше прашањето како приоритетите од Патоказот за спречување и борба против тероризмот и насилниот екстремизам 2026–2030 да се преточат во функционални механизми за превенција на локално ниво.

MCMS5842 MCMS

Во воведниот дел, Павле Трајанов, национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, се осврна на приоритетите на Националниот комитет и на потребата од посилна институционална координација, навремена размена на информации и зајакнување на капацитетите за справување со новите безбедносни предизвици. Посебно ги потенцираше онлајн радикализацијата, раното препознавање на ризиците, финансирањето на тероризмот, странското влијание и заштитата на критичната инфраструктура.

Трајанов го претстави и Патоказот 2026–2030, кој е дел од пошироката рамка на Заедничкиот акциски план за спречување и борба против тероризмот и насилниот екстремизам за Западен Балкан и нагласи дека неговото спроведување ќе зависи и од капацитетот за соработка меѓу централните институции, локалната самоуправа и граѓанскиот сектор.

На комплементарната улога на државните институции и граѓанските организации во превенцијата, реинтеграцијата и јакнењето на отпорноста на заедниците се осврна Александар Кржаловски, директор на МЦМС. Според него, довербата е предуслов за навремена размена на информации и координирано дејствување.

MCMS5850 MCMS

За локалната димензија на превенцијата говореше Даница Димитровска, главен инспектор во Единицата за јавен ред и мир и превенција при Одделот за униформирана полиција во Бирото за јавна безбедност, МВР. Таа го претстави концептот на полиција во заедницата и потребата безбедноста да се третира како заедничка одговорност на полицијата, општините, училиштата, социјалните служби и другите локални чинители. Во тој контекст, Димитровска ги посочи Локалните совети за превенција како важен механизам за навремено препознавање на проблемите и координирано дејствување.

За холандското искуство во локализирањето на превенцијата зборуваше Гонце Јаковлеска, координатор на проекти во МЦМС. Таа ги презентираше заклучоците и препораките од студиската посета на Хаг и Делфт кои укажуваат дека превенцијата е поефикасна кога е локализирана, кога локалната самоуправа има активна улога и кога полицијата, социјалните служби, образовните институции и граѓанскиот сектор дејствуваат како поврзан систем. Како важни препораки беа издвоени зајакнувањето на Локалните совети за превенција, воспоставувањето редовни механизми за соработка и создавањето соодветна законска рамка за безбедна размена на релевантни информации.

На применливоста на овие искуства во македонскиот контекст се осврна Фарук Невзади, раководител на одделение во општина Чаир. Тој нагласи дека општините имаат важна улога во раното препознавање и превенцијата, особено преку поврзување на училиштата, психолозите, социјалните и здравствените служби и другите локални чинители.

MCMS5834 MCMS

Во таа насока, oпштина Чаир остварува средби со директорите, психолозите и педагозите од основните училишта, за да ги идентификува потребите и да поттикне активности за јакнење на капацитетите за рано препознавање и пријавување на ризици. Во девет основни училишта во општината е инсталирана апликација развиена со поддршка на МЦМС, која овозможува пријавување на релевантни појави и ризици.

Паралелно, oпштината работи на реактивирање и зајакнување на Локалниот совет за превенција, како механизам за подобра координација меѓу локалните институции. Примерот од Чаир ја покажува улогата на локалната самоуправа во поврзувањето на различните чинители и создавањето услови за навремено препознавање, споделување информации и координирано дејствување.

Дискусијата покажа дека предизвикот не е само во дефинирањето на политиките, туку и во нивното преточување во конкретна локална практика. За тоа се потребни јасни улоги, редовна комуникација, доверба и координација меѓу различните чинители.

Состанокот заврши со заедничко разбирање дека превенцијата не е задача на една институција, туку процес што бара поврзано дејствување на национално и локално ниво, со активно учество на граѓанскиот сектор. Поврзувањето на националните политики со локалното искуство и практика е важен чекор кон создавање поодржливи механизми за превенција и поотпорни, поинклузивни и побезбедни заедници.

Настанот е дел од програмата „Рехабилитација за отпорност: патот напред“ што ја поддржува Глобалниот фонд за ангажман и отпорност на заедниците (ГЦЕРФ). Покрај МЦМС, програмата ја спроведуваат и Центарот за заедничка основа (ЦЗО) и Отворена порта-Ла Страда.


Поврзани: