| Средба на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество со локалните организации од Полошкиот регион |
|
| Понеделник, 11 мај 2026 15:52 | |
|
На 7 мај 2026 година, во Ресурсниот центар во Гостивар, се одржа средба помеѓу претставници на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и локалните организации од Полошкиот регион.
На средбата беше презентирана досегашната работа на Советот, а организациите имаа можност да ги споделат предизвиците со кои се соочуваат во своето работење. Никица Кусиникова од здружението Конект и претседателка на Советот ги информираше присутните за формирањето и улогата на Советот, кој функционира од март 2018 година, а од минатата година започна со работа во својот трет мандат. Таа истакна дека Советот како советодавно тело на Владата за унапредување на соработката, дијалогот и поттикнување на развојот на граѓанското општество работи согласно усвоената Програма за работа за 2025-2026 година. Валентина Величковска, членка на Советот за објаста развој на граѓанското општество, информираше за работата на различните работни групи формирани во рамките на Советот, вкучувајќи ја и работната група за транформација на Кондексот на добри практики на државното финансирање на здруженија и фондации во задолжителен подзаконски акт како и работната група за соработка со организации кои делуваат на локално ниво. Таа истакна дека на последниот состанок работната група за соработка со локални организации иницираше идеја за формирање регионални совети за соработка меѓу општините и граѓанските организации за секој плански регион, при што побара мислење од присутните. Идеата наиде на голем интерес, со истакнување дека како заедничко тело овој регионален совет би придонел кон подобро структурирање на граѓанскиот простор, воспоставување добри практики на транспарентност при доделување средства за граѓанските организации и поголемо граѓанско учество во процесите на донесување одлуки. Лулзим Хазири, извршен директор на АДИ Гостивар, ја поддржа идејата за формирање регионален совет и предложи конкретни активности за иницирање на нејзина реализација. Себајете Зенку од Центарот за женски права „ЕТИКА“ се осврна на работата на давателите на социјални услуги, особено на регионалниот шелтер-центар за жени жртви на семејно насилство. Таа го истакна проблемот со нередовната исплата на средства за оваа намена од страна на општините од полошкиот регион и надлежното Министерство, што сериозно го доведува во прашање континуитетот и опстојувањето на ваквиот вид социјални услуги.
На средбата учествуваше и претставничка од Единицата за локална самоуправа на Општина Гостивар, која ја истакна отвореноста за соработка на општината со граѓанските организации како и начинот на финансирање на здруженијата од Општината. Општина Гостивар преку регионалниот проект РеЛОаД ја спроведуваше ЛОД методологијата додека со тој проект била опфатена општината, но потоа не се применува оваа методологија за распределба на финансиски средства за локалните организации. Организациите изјавија дека најголем дел од средствата од општината се алоцираат за финансирање на двата спортси клуба активни во гостиварското подрачје. Присутните го истакнаа проблемот со Депонијата Русино и одржливоста на јавното претпријатие за тертман на отпад, но како еден од главните предизвици беше нагласена слабата соработка меѓу општините во Полошкиот регион. Заеднички беше истакната потребата од поголема соработка, солидарност и здружено делување на организациите со цел поефикасно застапување за потребите на граѓаните од Полог. Настанот беше организиран во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската унија а спроведуван од фондацијата Граѓански ресурсен центар, Македонски центар за меѓународна соработка, Асоцијација за демократски иницијативи АДИ Гостивар и Медиа плус Штип.
|