Граѓанските организации дискутираа за како подобро да ги промовираат своите постигнувања Печати
Вторник, 17 Февруари 2026 09:14

Комуникациите и видливоста на Цивика мобилитас и на граѓанските организации беа тема на работилницата што се одржа на 11 февруари 2026 година во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар.

Вкупно 21 претставник од 20 граѓански организации, актуелни добитници на партнерски грантови (ЦМ-ПГ-2), дискутираа за комуникациските предизвици и како полесно да ги следат правилата за успешно известување за своите постигнувања.

Работилницата ја отвори Дарко Димов, координатор на програмата, кој ги потсети грантистите на договорните обврски, нагласувајќи ги комуникациите и видливоста како важен сегмент за нив и за нивната работа. Официјална честитка на новите добитници на грантови и прво запознавање со нив имаше и Кристина Колозова, национален соработник на проекти во Швајцарската амбасада. Таа се осврна на досегашниот придонес на Цивика мобилитас за граѓанското општество истакнувајќи дека оваа група е последната генерација грантисти на Цивика мобилитас.

20260211 111427 2048x1536

За главниот и најважен дел од работилницата се погрижи тимот за информации и комуникации на Цивика мобилитас – Гонце Јаковлеска, Борис Ристовски и Каролина Ѓурковска.

Грантистите се запознаа со правилата и насоките за редоследот на поставеност на логоата, употребата на хаштаговите и спомнувањата (mentions) на профилите на Цивика мобилитас и швајцарската амбасада, според кои ќе се водат при известувањето за спроведените проектни активности и настани. Социјалните медиум како што се ФБ профилот и ФБ групата на Цивика мобилитас, исто така беа спомнати како можност за достигнување поголема видливост и уште поголема публика.

Тимот ги презентираше ресурсите кои им се на располагање на грантистите, меѓу кои Е-платформата на Цивика мобилитас која нуди многу опции за поддршка на комуникациските напори на грантистите. Предавачите ги поттикна учесниците на активна употреба на сите опции што ги нуди платформата, како вести за граѓански организации, адресарот на граѓански организации, магазинот „Граѓаните за промена“ и слично.

Учесниците се согласија дека едно од најважните прилагодувања што треба да се направи е ставање фокус на известувањето за постигнувањата, наспроти информациите за активностите. Најважно е да научиме како да известуваме за промените што граѓанските организации секојдневно ги создаваат во општеството преку граѓанскиот ангажман.

„Работилницата беше многу интерактивна и ни овозможи активно да се вклучиме во процесот. Предавачите беа јасни и содржините беа пренесени на соодветен и разбирлив начин. Како грантист на Цивика мобилитас, оваа обука даде јасна слика кои се очекувањата на донаторот во делот на комуникации и видливост од проектите“, додаде Никола Трајковски, програмски соработник во Конект.

Прашањата за видливоста, процесот на известување за настани, како и искуствата и комуникацијата на грантистите со медиумите беа дел од дискусијата што се отвори за време на работилницата. Беа разгледани и споредени примери од фотографии, објаснувајќи ја важноста на добро селектирани квалитетни фотографии. Ова е важно не само за успешно спроведување на проектните активности на организациите, туку и за пренесување добри приказни во медиумите од промените што ги прави граѓанскиот сектор.

20260211 111521 scaled

„За време на работилницата за комуникации и видливост на активностите во рамките на проектот, според мене беа презентирани сите корисни информации за претстојниот проектен период, без дополнителни одложувања кои би го отежнале процесот на објаснување. Предавачите беа подготвени секој во својата област, и тоа што е најважно, ние како грантисти добивме канал за комуникација кој ќе ни ја олесни реализацијата на активностите во овој дел. Тоа што посебно ми се допадна беше дискусијата која се разви меѓу сите присутни каде што можевме да разменивме мислења, сугестии и идеи кои во иднина би ги искористиле”, истакна Билјана Настеска Каланоска од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Присутните се здобија со повеќе информации и за тоа што претставуваат комуникациите во развој. Јована Ѓерасимоска, консултант за комуникации во Швајцарската амбасада, им го доближи на грантистите значењето на овие комуникации, осврнувајќи се на примери и начин на размислување со кои би го олесниле пристапот до информации, би стимулирале поголемо учество од граѓаните и поголемо влијание во јавната политика.

Со брзиот технолошки напредок и новите дигитални можности за комуникација, повеќето учесници се интересираа за начинот на објавување видеа, рилови (reels) на социјални медиуми и слично. Тимот на Цивика мобилитас укажа и на внимателно и претпазливо користење на генеративна вештачка интелигенција (ВИ), како една од најчестите употребувани алатки сега.

Цивика мобилитас ќе продолжи да ги поддржува грантистите во олеснување на процесот на комуницирање и промовирање на постигнувањата на најдобар и најсоодветен начин за да стигнат до целните групи.

 

 


Поврзани: