| Граѓански импулс #12 – месечен осврт на активностите на грантистите |
|
| Вторник, 20 јануари 2026 10:54 | |||
|
Во последниот месец од 2025 година, граѓанските организации, актуелни грантисти на Цивика мобилитас со исто темпо продолжија да ги отвораат важните прашања и да нудат решенија за секојдневните предизвици во заедниците низ земјата. Преку конкретни активности од поддржаните граѓанскиот сектор ја потврди улогата на активен партнер во унапредувањето на здравјето, заштитата на животната средина, родовата еднаквост и младинското учество.
Во областа на здравството, фокусот беше ставен на превенцијата и навременото тестирање за ХИВ како клучни предуслови за елиминирање на епидемијата во наредните години. Националната конференција по повод Светскиот ден за борба против ХИВ, организирана од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, а дел од проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, ги стави во фокус податоците дека околу 620 лица живеат со ХИВ, но само 71,4 проценти се дијагностицирани. Конференцијата беше реализирана во партнерство со здружението „Заедно посилни“, ЕСЕ и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и ја истакна важноста од континуирана соработка меѓу институциите и граѓанските организации во заштитата на здравствените права.
Грижата за климатските промени беше во фокус и на активностите на Центарот за одржлив развој на заедниците – Дебар, кој преку проектот „Учиме за климатските промени“ организираше едукативна посета на Националниот парк Маврово за ученици од основното училиште „Саид Најдени“ и гимназијата „28 Ноември“. Преку директен контакт со експерти од паркот, учениците се информираа за последиците од климатските промени и нивното влијание врз биодиверзитетот.
Декември беше и месец на интензивни активности за унапредување на правата на жените и борба против дискриминацијата. Хелсиншкиот комитет за човекови права, за проектот „Еднаквост сега – Зајакнување на маргинализираните заедници за социјална инклузија и недискриминација“, кој се спроведува во партнерство со ХОПС и Коалиција Маргини, ги објави резултатите од мониторингот на постапувањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Податоците покажаа дека од јули до септември биле поднесени 89 претставки, од кои 30 од жени, што ја отвори потребата од поефикасна институционална заштита, особено за жените од маргинализираните заедници.
Преку проектот „Активни жени“, хуманитарното здружение „Мајка“ организираше работилници со жени од населбите Иго Тричковиќ и Карпош, со цел зајакнување на нивните вештини за застапување и активно учество во заедницата. Паралелно, Женската граѓанска иницијатива Антико, заедно со партнерските организации, во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базираното и семејното насилство“, организираше едукативен настан во конфекцијата „Гатекс“ во Прилеп, како и панел-дискусија на Денот на човековите права под наслов „Зад насмевката: Како да го спречиме насилството врз жените кои се соочуваат со репродуктивни предизвици?“, отворајќи теми за психолошкото насилство, стигмата и предизвиците на работното место. Преку нивниот проект „Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество“, во Неготино беа доделени сертификати на жени кои успешно ги завршија бесплатните обуки за шминкер, педикир и маникир. Со овие сертификати, проектот им помогна на 53 жени во професионален и економски развој досега. Дополнително, преку проектот „Преку женски активизам и иницијативи до родово-инклузивни и одговорни општини“, Гласен текстилец потпиша Меморандум за соработка со општина Делчево, со што се постави основа за понатамошни активности насочени кон родова еднаквост и зајакнување на жените на локално ниво.
Младите и образованието беа во фокус и преку проектот „Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот“, што го спроведува Промо Идеа заедно со Новус од Струмица и „Круна плус“ од Радовиш. Тие во Up Hub Струмица одржаа едукативно предавање за инвестирање и управување со личните финансии. Истовремено, Про локал и нејзините партнери, преку проектот „Младински политики по мерка на младите“, ја организираа четвртата средба на Регионалната платформа за млади во Битола, каде граѓанските организации, градоначалниците и младите дискутираа за предизвиците и потребите во областа на образованието, социјалната заштита, спортот, јавниот превоз и младинското учество.
Декемвриското издание на Граѓанскиот импулс ја потврдува улогата на граѓанските организации како клучен двигател на општествените промени, кои преку проектите поддржани од Цивика мобилитас создаваат конкретни, видливи и одржливи резултати во заедниците ширум земјава.
|