Соработка и вклученоста носат одржливи антикорупциски резултати Печати
Вторник, 30 декември 2025 13:54

МЦМС учествуваше на Конференцијата на државите-страни на УНКАК

Единаесеттата сесија на Конференцијата на државите-страни на УНКАК (COSP11) се одржа во Доха, Катар, во периодот од 15 до 19 декември 2025 година. Конференцијата беше организирана од државата Катар, во тесна координација со Канцеларија на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC). МЦМС беше дел настанот преку учеството на Александар Кржаловски и Снежана Камиловска Трповска.

viber image 2025 12 26 09 59 14 682 MCMS

Конференцијата е главно креирачко тело на политики во рамки на Конвенцијата, ги обединува државите-страни, земјите-набљудувачи, меѓународни организации, граѓанското општество и водечки експерти и се одржува на секои две години. Нејзината цел е да направи преглед на напредокот, да ги адресираат новите предизвици и да усвојат резолуции кои ги насочуваат глобалните антикорупциски приоритети.

COSP11 понуди пленарни седници, дијалози на високо ниво, специјални настани и изложби, насочени кон продлабочување на дијалогот, размена на знаења и зајакнување на заедничкото делување против корупцијата.
Во рамки на денот посветен на националните антикорупциски стратегии, на 17 декември 2025 година, Југоисточна Европа беше во фокусот на COSP11 преку специјалната сесија „Инклузивни антикорупциски стратегии: траен импакт во Југоисточна Европа“, која заеднички ја организираа Владата на Република Северна Македонија и Регионалната Анти-корупциска иницијатива (РАИ). На сесијата стана збор за тоа како регионот ги претвора политичките заложби во одржливи реформи и мерливи резултати, преку докази, добри практики и конкретни антикорупциски алатки развиени во и за регионот, при што беше потенцирана важноста на инклузивниот и мулти-чинителски пристап. Говорниците споделија конкретни искуства и препораки за зајакнување на регионалната соработка. Во дискусијата беше нагласена улогата на политичкото лидерство, независните антикорупциски институции со соодветни надлежности и ресурси, дигитализацијата и рамките за интегритет, како и значењето на мерливите методологии за следење на напредокот.

viber image 2025 12 26 09 58 47 112 MCMS

Снежана Камиловска, претставничката на МЦМС, членка на УНКАК Коалицијата, ја истакна клучната улога на граѓанските организации во креирање на долгорочни политики за борба против корупција. Таа нагласи дека граѓанското општество има најголемо влијание кога е вклучено од почетокот на антикорупциските процеси и кога активно и суштински учествува и во креирањето и во спроведувањето на стратегиите и политиките. Граѓанското општество придонесува антикорупциските стратегии да бидат спроведливи, преку директен увид во тоа каде и како корупцијата навистина се појавува, како и преку активно учество во нивното следење и отчетност.

И покрај различните национални контексти и перспективи, од дискусијата произлегоа три заеднички заклучоци: потребата од централна улога на независните антикорупциски тела со доволни овластувања и ресурси; значењето на ефикасни алатки за транспарентност, интегритет и дигитализација развиени преку инклузивен пристап; и неопходноста од силна политичка волја и ефективно спроведување на законите, без кои дури и најдобрите стратегии не можат да дадат резултат. На сесијата беше донесена и Декларација на граѓанското општество, а во својата порака до учесниците, директорот на Коалицијата Матијас Хутер истакна дека CoSP бил успешен. „Сите резолуции беа усвоени со консензус и многу од нив беа изненадувачки силни во своите одредби“, истакна тој.

viber image 2025 12 26 09 57 35 017 MCMS

Преку учеството на COSP11, Југоисточна Европа испрати јасна порака од Доха дека регионалната соработка и инклузивните пристапи засновани на докази водат кон трајно антикорупциско влијание, а МЦМС уште еднаш ја потврди својата улога како активен чинител во промовирањето на добро управување и борбата против корупцијата на национално и регионално ниво.


Поврзани: