Граѓански импулс #8: месечен осврт на активностите на грантистите |
![]() |
Среда, 10 септември 2025 00:00 | |
Во духот на младинскиот ангажман помина и август. Со креативни зелени акции и конкретни чекори на терен, грантистите на Цивика мобилитас секојдневно ги прикажуваа предизвиците, но и решенијата за подобра заедница за сите нас. Отпадот стана уметност! Младинската еко-акција обедини девет општини и девет граѓански организации во урбана мисија за почиста околина низ улиците на Битола. Повеќе од 30 млади собираа шишиња и отпад, создаваа еко-поезија и снимаа видеа, а потоа, во Младинскиот центар, старите предмети ги трансформираа во практични уметнички дела: светилки од тегли, декоративни саксии и касички од шишиња. Денот заврши со монтажа на видеа и силна порака: „И ти можеш да му дадеш нов живот на она што мислиш дека е отпад!“ Акцијата беше дел од проектот „Младински политики по мерка на младите“, на Про Локал и партнерите, реализиран со поддршка на Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас. Како една од мерките на Регионалната платформа за млади, акцијата ги обедини организациите и општините во мисијата за почиста, поубава и поодржлива Пелагонија. Во меѓувреме, на Шар Планина се учеше како да се спречат шумските пожари. Центарот за климатски промени и Еко Ацтион – Тетово, во соработка со Националниот парк Шар Планина, организираа обука за превенција од шумски пожари. Обуката обедини претставници од институциите, граѓанскиот сектор и локални активисти. Учесниците се запознаа со историјата и најчестите причини за шумски пожари, стратегии за нивна превенција, практична работа со алатки, безбедносни процедури и евакуациски протоколи, а на крајот се спроведе и симулација на гаснење пожар. Настанот се реализира во рамки на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на локално ниво“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Од аспект на управување со отпад, особено био-отпадот, организациите Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ), Еко Логик и Флорозон ја објавија статијата „Што претставува био-отпадот и зошто е важно да го селектираме“. Во неа истакнуваат: „Во Северна Македонија, био-отпадот сочинува до 40–50 % од вкупниот отпад што завршува на депониите, што укажува на неговата нагласена присутност.“ Органскиот отпад не е „ѓубре“, туку ресурс што може да се искористи за производство на компост, биогас и создавање нови зелени работни места. Статијата е дел од проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, поддржан од Цивика мобилитас преку Владата на Швајцарија. Од друга страна, од Центарот за младински активизам (ЦМА) КРИК прашуваат: „Како влијаат загадувањето и климатските промени врз младите во Северна Македонија?“ Одговорот, базиран на анализа спроведена заедно со Центарот за социјални иницијативи (ЦСИ) „Надеж“ и Здружението на социјални работници на Македонија (ЗСРМ), укажува на сериозно влијание врз здравјето, навиките и квалитетот на животот на младите, започнувајќи од квалитетот на воздухот до недостигот на зелени површини. Анализата е дел од проектот „ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Во друга насока, но сè уште поврзана со младите и нивната иднина, во Кичево, Женската граѓанска иницијатива (ЖГИ) Антико, заедно со организациите „Секогаш соживот“ и „Адрион“, свечено ги додели сертификатите на жените кои успешно ја завршија обуката за маникир, педикир и шминка. Обуката е дел од проектот „Гласот и учеството на жените и младите во креирање на јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество“, поддржан од Цивика мобилитас преку Владата на Швајцарија. Целта е да им се овозможи на жените професионално остварување и полесен пристап до пазарот на трудот.
|