Довербата во граѓанското општество во Република Македонија 2015 |
![]() |
Автор: Даниела Стојанова
Оваа година извештајот е подготвен во рамките на проектот за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) од страна на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). МЦМС му ја довери анкетата на јавното мислење, врз којашто се базира овој извештај, на М-проспект, чија одговорност беше и методолошката исправност на анкетата. Повеќе информации за МЦМС и Цивика мобилитас се дадени на крајот од извештајот. Големо мнозинство од граѓаните (82,2%) знаат да наведат успешна граѓанска организација, што е значително повеќе во однос на 2013 г. Најмалку од по еден граѓанин како успешни се препознаени околу 50 организации. Најпрепознаена организација од граѓаните како успешна е Црвениот крст, исто како и во 2013 г. Подобрено е познавањето организации кои дејствуваат во конкретни области Во три од проверените 10 области на делување мнозинство од граѓаните знаат да наведат најмалку една организација и тоа во областите: економски развој, вработување и развој на мали претпријатија (51,2%), демократија и човекови права (68,0%) и јакнење на граѓанското општество (60,5%). Во седум од областите малцинство граѓани (под 50 %) знаат да наведат најмалку една граѓанска организација која придонесува во одредена област. Најмалку организации препознаваат во полето на борба против корупцијата (37,9%), европските интеграции (38,5%) и децентрализација (33,0%). Во однос на истражувањето направено во 2013 година, кај сите конкретни области има зголемено препознавање на организации. Општата информираност е значително поголема од познавањето на сите 35 испитувани граѓански организации. Мнозинство граѓани (над 50 %) слушнале за половината од испитуваните организации, а ги познаваат четири од 35-те испитувани граѓански организации. Повторно Црвен крст е организацијата за која граѓаните се најинформирани и која ја познаваат. Во јавноста преовладува позитивното мислење за сите испитувани граѓанските организации. Појавата на негативно мислење за најголем дел од организациите е кај една организација. Позитивното мислење се зголемило за две од организациите кои беа испитувани и во 2013 г., а кај останатите има незначителни промени. Има значително или умерено намалување на позитивното мислење за седум од организациите. |