МЦМС на Форумот за проширување на ЕУ 2026 Print
Thursday, 26 November 2026 10:35

Граѓанското општество беше тема за дискусија на вториот Форум за проширување на ЕУ, под насловот „Проширена Европа – посилна Европа“, што се одржа во Брисел на 15 и 16 ноември 2026 година. Тематскиот дијалог „Перспективите на граѓанското општество и локалните власти за проширувањето“, воден од Никола Доброславиќ, потпретседател на Европскиот комитет на регионите беше фокусиран на улогата на граѓанското општество во справувањето со странската информациска манипулација и мешање (ФИМИ). За клучното прашање: како граѓанските организации можат да изградат посилна поддршка за проширувањето, а истовремено да се спротивстават на дезинформациите и на странското влијание искуствата ги споделија претставници од Србија, Молдавија, Грузија и Бугарија.

20261116 120427 MCMS1

Милијана Рогач од српската платформа за проверка на факти „Истиномер“ истакна дека граѓанското општество го поседува знаењето и алатките за справување со ФИМИ и со анти-европските наративи. Тоа е најважно таму каде што самите влади се извор на дезинформации, како што бил случајот во Србија до неодамна.

Лилијана Виту од молдавскиот Центар за стратешка комуникација и борба против дезинформациите го претстави пристапот на нејзината земја, кој се темели на пет столба: европска интеграција, социјална кохезија, економска отпорност, одбрана и регионална безбедност. Во сите нив, нагласи таа, стратешката комуникација е клучна и најдобро функционира преку соработка, особено на локално ниво.

За две комплементарни улоги на граѓанското општество: информирање на граѓаните за придобивките од европската интеграција и залагање за реформската агенда зборуваше Нино Долидзе од Грузија. Кога власта не испорачува резултати, граѓанското општество е тука да поттикнува, да ја промовира европската идеја и да протестира против стагнацијата на земјата.

Локалната димензија дополнително ја истакна Васил Терзиев, градоначалник на Софија и „комесар во сенка“ за проширување на мрежата Eurocities. Тој истакна дека локалните власти, како ниво на власт најблиско до граѓаните и одговорно за постигнување резултати на терен, мора да бидат дел од креирањето на политиките. Истоврмено за да ги спроведуваат политиките, на локалните власти им се потребни поддршка и финансиски средства за градење капацитети, како и завршување на процесот на децентрализација. Дополнително, структурните прашања мора да се решаваат на ниво на ЕУ.

Заклучоците од тематскиот дијалог се однесуваа на условите што му се потребни на граѓанското општество за да ја исполни својата улога во процесите на проширување. На граѓанските организации и новинарите им е потребна правна заштита за да работат слободно. Притоа, финансирањето од ЕУ не е неограничено. Затоа локалните власти и граѓанските организации треба да се свртат кон своите локални заедници, бизнисите и приватниот сектор за финансирање и соработка, наместо да се потпираат исклучиво на поддршката од ЕУ. Поврзувањето меѓу градовите, вклучително и прекугранично, и регионалната соработка беа истакнати како начини за градење трајни партнерства.

Овие пораки го одразуваат и искуството и визијата на МЦМС: успехот на проширувањето не зависи само од преговорите меѓу владите, туку и од информирани граѓани, отчетни институции и видливи резултати во локалните заедници. Побрз и поамбициозен процес на проширување бара силно, заштитено и одржливо граѓанско општество како активен партнер.

Форумот, кој Европската комисија го воспостави во 2025 година како клучен годишен настан посветен на проширувањето, го организираа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и комесарката за проширување Марта Кос. МЦМС го претставуваше Теа Цветановска.

Дискусиите се надоврзаа на Пакетот за проширување што Комисијата го усвои на почетокот на ноември, а безбедноста беше една од клучните теми.  На Форумот учествуваше и македонскиот премиер Христијан Мицкоски кој зборуваше за незадоволството на јавноста поради повторените барања што го засегаат националниот идентитет и за посветеноста на земјата кон пристапувањето.

Главни пораки на Форумот

Претседателката на ЕК фон дер Лајен истакна дека за прв пат по многу години ЕУ има реална перспектива за проширување. Таа повлече паралела со 1990-тите години, кога земјите од Централна и Источна Европа го наоѓаа патот кон својот дом  во Европа, односно кон слободата, демократијата и заедничките вредности, нагласувајќи дека некои земји кандидатки сега напредуваат побрзо од кога било во изминатите дваесет години. Доколку Европејците не ја обликуваат својата иднина, тоа ќе го направат други, предупреди таа. Токму затоа проширувањето е инвестиција во заедничката иднина, и не е механизам што го прераспределува просперитетот, туку создава и нов, а земјите кандидатки ѝ донесуваат на Унијата исто онолку колку што добиваат од неа.

Таа повика на храброст и визија, како и работа на два фронта: Унија што може да дејствува побрзо, а не побавно, користејќи ги алатките што веќе ги предвидуваат Договорите, и модернизиран процес на пристапување што останува заснован на заслуги, но ги носи придобивките од интеграцијата порано. „Заснован на заслуги не значи бавен. Значи праведен и предвидлив“, истакна таа.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста го нарече проширувањето најдобра геополитичка инвестиција што Европа ја направила и изјави дека иднината на Украина, Молдавија и Западен Балкан е во Европската Унија.


Related: