| Од порака до влијание: приказната како алатка за застапување |
|
| Monday, 11 May 2026 14:45 | |
|
Дваесет и еден млад учесник учеше како личната и заедничката приказна може да стане моќна алатка за застапување, влијание и поттикнување промени во заедницата. Наместо приказната да се третира како креативно пишување, фокусот беше ставен на нејзината практична примена – поврзување, убедување и поттикнување на акција.
Во текот на двата дена, учесниците работеа на разбирање на раскажувањето приказни (storytelling) не само како форма на раскажување, туку како стратешка комуникациска алатка. Преку практични вежби, учесниците учеа како да трансформираат слаби и општи изјави во аргументирани и убедливи пораки, а потоа да ги развијат во приказни за застапување поврзани со конкретни општествени прашања. Посебен акцент беше ставен на користењето на емоцијата и личната перспектива како алатки за градење повлијателна и поубедлива приказна, која не само што привлекува внимание, туку води и кон јасен повик за акција. Преку овој процес, учесниците учеа како личното искуство може да се претвори во средство за комуникација, застапување и влијание. Еден од клучните елементи беше и разбирањето на публиката и прилагодување на комуникацијата. Учесниците анализираа кому му се обраќаат, што е важно за таа публика и кој пристап може да има најголемо влијание. За време на практичната работа учесниците размислуваа како би ја претставиле својата иницијатива пред носители на одлуки, донатори, новинари или пошироката јавност. Ова им помогна да разберат дека истата идеја бара различен пристап, различен јазик и различна стратегија за да биде разбрана, прифатена и поддржана. Тие работеа на адаптација на своите пораки за различни формати, вклучувајќи краток говор, пишано сведоштво, медиумски настап и содржини за социјални медиуми. „На обуката научив како да и пристапиме на публиката и да го привлечеме нејзиното внимание“, рече Лина Муса. Таа смета дека ова е корисно за младите затоа што соработуваат со различни луѓе. „Стекнав повеќе самодоверба за тоа дека можам да направам нешто што ќе влијае позитивно врз иднината на мојата земја“, додаде таа. И за Рида Ахмети обуката била корисна. „Научив многу работи што не ги знаев и ми даде мотивација да реагирам во некои моменти, на пример кога ќе видам неправда. Тоа што го работевме заедно ме потсети дека имам право да реагирам и да придонесам кон промена“, вели таа.
На работилницата беше обработена и темата за комуникациски стратегии и алатки за зголемување на видливоста на иницијативите за застапување. Учесниците се запознаа со разликата помеѓу односи со јавност (ПР) и рекламирањето, како и со улогата на медиумите, јавните настапи, интервјуата и соработката со новинари во пренесување на пораката до пошироката јавност. Конкретните идеи за акции за застапување на кои работеа во групи опфатија теми како ментално здравје кај младите, подобрување на информираноста во училиштата, промоција на здрав начин на живот и иницијативи за збогатување на културниот живот во заедницата. Секоја група ја дефинираше целта, публиката, клучната порака, потребните чекори за делување, ресурсите и можностите за реализација. Работилницата заврши со презентација на групните идеи и заедничка рефлексија. Овие млади луѓе ги подобрија своите комуникациски вештини, усвоија конкретни алатки за користење на приказната како средство за влијание и развија идеи кои беа јасни, применливи и стратешки обликувани приказни за застапување, подготвени за комуникација со различни публики и за поттикнување конкретна општествена акција. Работилницата за storytelling во функција на застапување се одржа на 5 и 6 мај 2026 година во просториите на МЦМС, а ја спроведе Назим Рашиди со поддршка на Дренуша Ника. Обуката е дел од програмата „Рехабилитација за отпорност: патот напред“ што ја поддржува Глобалниот фонд за ангажман и отпорност на заедниците (ГЦЕРФ) а ја спроведува МЦМС во партнерство со Центарот за заедничка основа (ЦЗО) и Отворена порта-Ла Страда.
|