Граѓанските активисти од Источниот регион ги унапредија вештините за застапување и инспирирање промени за родова еднаквост и млади |
![]() |
Monday, 05 May 2025 15:41 | |
Граѓанскиот сектор постојано еволуира, под влијание на глобалните и националните случувања. Новите политички реалности, како што е примерот со промените во САД, имаат директен ефект врз стратегиите и приоритетите на граѓанските организации. Оваа динамична природа бара адаптирање на промените, следење на трендовите и постојана едукација. Во насока на потребата од постојана едукација, на 28-30 април 2025 во Берово беше одржана oбуката: “Застапување во областа на родовата еднаквост и младите и алатки за комуникација со целни групи и креирање на содржини за ефективно застапување“. На оваа обука претставници на граѓанските организации (ГО) и локалните младински совети од Берово, Пехчево, Виница и Делчево ги надградија своите знаења за застапување во однос на цели, задачи, форми, процес и елементи на јавното застапување, организирање кампања за застапување и содржина на документ за јавни политики, со посебен акцент на родовата еднаквост и младите. Клучно е активистите во граѓанскиот сектор да се стремат кон холистички развој на национално, регионално и локално ниво. Токму оваа способност за адаптација и иновација е она што го одржува секторот жив и релевантен во контекст на современите предизвици. Тодор Цонев од ГО ИНИ Виница истакна дека застапувањето и лобирањето е предизвик за малите организации, кои често се соочуваат со административни пречки. Тој потенцираше дека луѓето имаат потреба од дискусија и споделување искуства за добри и лоши практики. Претставникот на Младински Совет Делчево нагласи дека преку оваа обука, младите учат повеќе за своите права, бидејќи често се чувствуваат оставени на страна од случувањата и не се доволно информирани. За време на обуката, истакна тој, се појавија и нови идеи за локално делување. Според обучувачката Невенка Лонгурова, работната група е мешана со различни капацитети, но секој од својата област ќе има можност да направат индивидуални планови за застапување. Родне Деолска од Регионален Центар за застапување Делчево, изјави дека секој ваков или сличен настан носи нови знаења, но истовремено и нови насоки и трендови во процесот на застапување. Оваа тридневна обука се организираше во рамки на проектот „Застапувај, придонеси за својата заедница“, проект спроведуван од Организација ЖЕНА Делчево во партнерство со Здружение Надеж од Македонска Каменица. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Содржината на обуката не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар.
|