Застапеноста на жените е несразмерно помала во однос на мажите во телата на одлучување во спортските организаци |
![]() |
Thursday, 24 April 2025 08:26 | |
Резултатите од спроведеното истражување „Родова еднаквост и инклузивност во спортот во Северна Македонија“ покажуваат дека жените се значително помалку застапени од мажите на раководните позиции во спортските организации во Северна Македонија. Застапеност на позиции на одлучување Според податоците од истражувањето, на позицијата претседател/ка во организациите доминираат мажите со 87%, додека жените се застапени само со 13%. Малку повисок е процентот на жени на позицијата генерален секретар/ка, 17%, иако мажите се далеку побројни со 83%. Иста е сликата и кај членовите на генералните собранија каде застапеноста на мажите е 83%, наспроти 17% жени. Овде да напоменеме дека лицата со попреченост се застапени со 10% кај мажите и 3% кај жените. Кога станува збор за членовите на извршното тело на спортската организација (извршен комитет, управен одбор или друг назив), родовата застапеност е повторно во корист на мажите кои се претставени со 77%, од кои 9% се мажи со попреченост, додека жените со застапени со 23%, од кои 2% се жени со попреченост. Ги проверувавме и ограничувањата на мандатите на членовите на овие тела и начинот на бирање. Податоците покажуваат дека во 11 (37%) организации има ограничувања на мандатот на членовите на извршното тело. Во најголем дел од случаите, ограничувањата се на најмногу два мандати, додека должината на еден мандат е најчесто четири години. Околу две третини (70%) од спортските организации одговориле дека имаат ограничувања на мандатот за позицијата претседател/ка, од кои во најголем дел максималниот број на мандати изнесува два, додека должината на еден мандат е најчесто четири години. Во ниту една од организациите нема старосна граница за обавување на позицијата претседател/ка или за членување во управните тела. Само во две организации членовите на извршното тело се бираат преку јавен повик врз основа на квалификации и надлежности наместо да бидат именувани, додека во шест, делумно се бираат на овој начин. Неколку спортски организации нагласија дека изборот се врши во рамките на собранието, на предлог на претседателот на федерацијата. Родовата дистрибуција кај лицата кои се вработени во спортските организации со полно работно време повторно укажува на доминација на мажите, но и на значајно ниска застапеност на лицата со попреченост. Оттука, само 1% од вработените лица се мажи со попреченост и ниту една жена, наспроти мажите без попреченост кои сочинуваат 61%, а жените 38%. Политики за еднаквост Родовата еднаквост како организациска политика е застапена во документите на спортските организации, и тоа: кај 77% таа е дел од стратегијата на организаицјата, кај 27% е застапена во статутите и во 20% е застапена и во деловниците на организациите. Кај 48% од организациите, во кои родовата еднаквост е интегрален дел од политиките на организацијата, таа е само делумно спроведена, а во 15% сѐ уште не е спроведена. Една од организаците навела дека има Правилник за родовата еднаквост. Што се однесува на политиките поврзани со попреченоста, во 53% е посочено дека тие се интегрален дел од политиките на организацијата, од кои во половина се само делумно спроведени, додека 31% од политиките сѐ уште не се спроведени. Четири организации (13%) одговорија дека имаат воспоставено родови квоти, во статутот наорганизацијата кои се однесуваат на извршниот одбор и/или другите позиции на одлучување. Три организации имаат квоти за вклучување лица со попреченост. Препораки Препораките кои произлегоа од истражувањето се насочени кон креирање системски решенија кои ќе го подобрат статусот на родовата еднаквост и инклузивноста во спортот. Дел од нив се: воведување задолжителен услов за државно финансирање на националните спортски федерации, со минимум од 40% родова застапеност на одлучувачките позиции во структурите на федерациите; воспоставување систем за собирање, анализа и јавно објавување на интерсекциски разделени и пристапни податоци, со цел транспарентно следење на поддршката и развојот на спортот во женска категорија; формирање комисии за родова еднаквост и инклузија или назначување лица одговорни за овие прашања; итн. Позадина за инстражувањето Целта на истражувањето е да се анализира вклученоста на жените во спортските инсти-туции и организации во Северна Македонија, со специфичен фокус на структурните и културолошките бариери кои го ограничуваат пристапот и напредокот до раководни позиции во рамките на спортските организации. Истражувањето се реализираше во рамки на проектот „Фер игра: поддршка за родова еднаквост во спортските политики“, кој го спроведува Олимпискиот комитет на С. Македонија во соработка со Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС), Спорт Социал Солушн и Параолимписки комитет. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија.
|