Глобалниот развој и граѓанските организации од Западен Балкан Print
Wednesday, 29 June 2016 08:23

Повеќе од 25 учесници од различни граѓански организации од регионот се собраа на 21 и 22 jуни во Скопје, на регионалниот настан „Граѓанските организации од Западен Балкан за глобален развој“ што го организираше Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН).

TRIALOG

Целта на настанот беше да се дискутира за придонесот и за соработката на граѓанските организации за развојна помош и да се стекнат знаења и искуства од примерите на Романија и на Словенија.

Регионалната работилница ја предводеше Јулијана Рада од Фондацијата за демократска промена (ФДСЦ), Романија заедно со Марјан Хуц, од словенската платформа СЛОГА и Улрике Беј, претставник на ХОРИЗОНТ 3000. Членките на БЦСДН и проектните партнери заедно со други граѓански организации од Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија дискутираа за историјата на развојната помош, улогата на ЕУ и развојната помош, целите за одржлив развој (SDGs) и пост-развојната агендата 2015.

Учесниците беа запознаени со Европскиот консензус за развој и со додадената вредност на новите земји членки. Секој од нив имаше можност да презентира со што би придонеле нивните земји на полето на развојната соработка и, кои се капацитетите на граѓанските организации. Презентирано беше и искуството на Романија, како и институциите и релевантни актери кои работат на ова поле. Дополнително беа разгледани и механизмите за финансирање согласно Европскиот консензус за развојна соработка за граѓанските организации од Западен Балкан.

Организациите работеа во групи според земјата од каде доаѓаа. Тие имаа за цел да ги скицираат чекорите за идните активности кои би ги презеле и на тој начин да придонесат кон глобалната агенда за развој. Освен тоа тие разговараа и за тоа како да ги поддржат националните институции во обезбедувањето на развојна помош по нивното пристапување во ЕУ.

Регионален координатор на проектот е БЦСДН, а партнери од ЕУ земји се СЛОГА од Словенија, Понтис фондацијата од Словачка и КРОСОЛ од Хрватска. Покрај МЦМС, на национално ниво активностите ги спроведуваат: Граѓански иницијативи и Граѓански парламент од Србија, ЦРНВО од Црна Гора, ИДМ и Конкорд од Албанија.


Related: