Одржливо граѓанско општество- државно финансирање за граѓанските организации Print

Државната поддршка за граѓанските организации е еден од клучните елементи за обезбедување на финансиска одржливост на граѓанското општество. Во развиените демократски земји, финансиската поддршка за граѓанските организации (ГО) е доминантно обезбедена преку директно финансирање од буџетот на земјите, додека во Македонија, и покрај декларативната заложба на Владата за поддршка на граѓанскиот сектор, во пракса постои недостаток на политичка волја за таквата поддршка. Со цел да се одржи релевантноста на граѓанскиот сектор и да се стимулираат понатамошни иницијативи, активности и застапување за важни општествени прашања од страна на ГО, треба да се развие транспарентно и отчетно државно финансирање. Европската комисија во своите извештаи за напредокот на земјата редовно ја нагласува важноста на државното финансирање за одржливоста на граѓанските организации и од 2008 година, повторува дека ГО во голема мера зависат од странските средства.

Odrzhlivo gragjansko opshtestvo drzhavno finansiranje za gragjanskite organizacii

Бараната државна и јавна поддршка подразбира одговорност и на граѓанските организации, зголемена отчетност и транспарентност, јасна комуникација на нивните резултати во јавноста, практикување на внатрешна демократија и вредности на добро владеење. Анализите кои ја истражуваат транспарентноста на ГО укажуваат на недоволна заложба за ова прашање. Граѓанските организации во Македонија ја обезбедуваат својата примарна одговорност и отчетност до донаторите, а потоа до институциите, јавноста, нивните конституенти и целните групи. 

Општа цел на програмата е создавање овозможувачка околина која придонесува граѓанските организации да бидат независни и влијателни актери во општеството. 

Цел на програмата е ефективни, транспарентни и отчетни граѓански организации кои делуваат во поддржувачка финансиска околина. 

Целнa групa на програмата се ГО и нивните мрежи во Македонија, како и државните институции кои обезбедуваат поддршка за ГО.

Очекувани резултати на програмата се: 

  1. Подобрени политики, процедури и средства за транспарентна, отчетна, фер и недискриминаторска финансиска поддршка на граѓанските организации; 
  2. Зајакнати организациски капацитети, транспарентност и отчетност на граѓанските организации; 
  3. Подигната свест за добро владеење и саморегулација на граѓанскиот сектор.

Програмата ќе даде повеќе продукти како на пример: три годишни извештаи за зголемување на транспарентноста и отчетноста за користење на јавните средства; предлог законски измени и план за застапување; насоки за интерни процедури: професионални стандарди за добро владеење; извештај за финансиската транспарентност и отчетност на ГО; извештај за потребите и практиките за саморегулација; воспоставена неформална мрежа за транспарентност и отчетност на ГО со најмалку 15 членки; веб страница за транспарентност и отчетност како клучна ресурсна точка за ГО да го подобрат своето внатрешно управување и отчетност кон јавноста. 

Програмата ќе ја спроведува МЦМС во партнерство со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија.

Периодот на спроведување е 1 јануари 2018 г. – 30 април 2021 г.

Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија. 

Буџетот изнесува 29.118.038 денари. 

Веб-страница на проектот: https://otcetnigo.mk 


Related: