| Граѓански импулс #21 – месечен осврт на активностите на грантистите |
|
| E hënë, 19 tetor 2026 11:35 | |
|
Септември донесе нови иницијативи за почиста животна средина, поголемо учество на граѓаните во одлучувањето и поодговорна работа на локалните институции. Организациите, грантисти на Цивика мобилитас, работеа на решенија за потребите на своите заедници. Дел од активностите донесоа конкретни резултати, а други отворија простор за дијалог и нови соработки. Во населбата Зелен Рид во Куманово, 200 домаќинства добија бесплатни канти за селектирање пластика и лименки. Општина Куманово, со поддршка на Центарот за климатски промени (ЦКП), започна со воспоставување систем за примарна селекција, за отпадот да се одвојува уште во домаќинствата. Едногласно беше усвоен Патоказот за Зелената агенда за Источниот плански регион 2025–2030, изработен од ЦКП во консултација со општините од регионот. ЦКП и партнерите информираа и за воспоставувањето на Регионалното партнерство за активно следење на Зелената агенда за Западен Балкан на локално ниво, доброволна и неформална платформа за соработка.
Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ), во партнерство со Еко логик и Флорозон, по тримесечен процес на селекција на органски отпад го искористи компостот за раззеленување на училишта. На 15 септември компостот беше употребен во ООУ „Јан Амос Коменски“, а на 16 септември учениците од ООУ „Аврам Писевски“ го искористија природното ѓубриво за својата билна градина и училишниот двор. Активноста, поддржана од општина Карпош, е дел од проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“. Центарот за младински активизам КРИК, во соработка со ЈЗУ Психијатриска болница Скопје, реализираше пет практични работилници со пациенти во Дневната болница и обука за практичната примена на принципите на зелената социјална работа, вклучително и хортикултурна терапија.
Во Валандово, при акцијата за пошумување кај црквата „Св. Ѓорѓија“, корисници на гарантирана минимална помош, ученици и претставници на Македонски шуми заеднички засадија повеќе од 100 садници аризонски чемпреси, додека последниот „Зелен караван“ се одржа во паркот „Фредерик Шопен“ во Кисела Вода. Проектот „Младински политики по мерка на младите“ заврши со 24 усвоени регионални мерки, од кои 13 веќе се реализирани, Регионална платформа за млади во девет општини од Пелагонискиот регион и прва национална проценка за примената на Законот за младинско учество. Резултатите беа претставени на завршниот настан на 28 септември во Битола, пред повеќе од 100 учесници, меѓу кои и министерот Ѓоко Велковски. Врз основа на проценката, Про локал ќе достави предлози за измени на Законот. Платформата поттикна и натпревар за иновативни бизнис-идеи на млади помеѓу 15 и 29 години, на кој од 18 пријави беа избрани три идеи.
Во Штип, Виница и Делчево беа документирани потребите и приоритетите на 545 жени и девојки, од кои произлегоа девет родово-буџетски иницијативи. Општина Штип ги поддржа трите иницијативи на ЕХО, а за една се разгледува вклучување во буџетот за 2027 година. Ова беше една од главните теми на завршниот настан во Виница на 22 септември. Пристапноста до јавниот превоз беше тема и на форумот што „Антико“ го организираше на 16 септември во Велес. Во Ресен пак, жените и локалните чинители разговараа за економското јакнење, женското претприемништво, самовработувањето и родово одговорното креирање локални политики и буџети, на средба на „Секогаш соживот“.
|