Новиот амбасадор на Швајцарија ја потврди посветеноста кон граѓанското општество |
![]() |
E premte, 17 tetor 2025 09:33 | |||
Тимот на Цивика мобилитас на 16 октомври ја оствари првата средба со новoназначениот Амбасадор на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Кристоф Зомер (Christoph Sommer). „Сметам дека граѓанското општество е многу значајна област на која треба да се фокусираме“, нагласи Амбасадорот, потврдувајќи дека поддршката на граѓанските организации е еден од приоритетите на Швајцарија.. Александар Кржаловски, лидерот на тимот на програмата и директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во своето обраќање направи краток вовед за МЦМС, организацијата спроведувач на програмата и една од најголемите граѓански организации во земјата. Зборувајќи за Цивика мобилитас, најголемата програма за поддршка на граѓанското општество во земјата, поддржана од Владата на Швајцарија речиси 20 години, тој го воведе Амбасадорот Зомер во постигнувањата на трите фази од спроведувањето во кои е вклучен МЦМС. Кржаловски се задржа на процесот на капитализација, која ќе опфати се што е постигнато во овие речиси 20 години. При тоа, капитализацијата ќе даде поширок опфат на резултатите на Цивика мобилитас осврнувајќи се на контекстот во кој се спроведувале активностите, на нивната компатибилност со важните случувања во земјата и нејзините стратешки цели како што е процесот на евроинтеграција. На Амбасадорот Зомер му беше презентирана првичната верзија на временската линија на капитализацијата на Цивика мобилитас направена како дигитална алатка која ќе помогне во навигацијата низ постигнувањата низ годините. Имајќи предвид дека Цивика мобилитас во голема мерка е насочен кон финансиска поддршка на граѓанските организации, на Амбасадорот му беше презентирана уште една дигитална алатка односно приказ на грантовите (dashboard) каде може да се видат сите поддржани организации, типовите на грантови, секторите во кои се работело, регионите каде се спроведувале активностите итн. Во однос на грантовите, беше презентирана и платформата grants.mk преку која се одвива процесот на пријавување. Државното финансирање беше една од темите за која најмногу се дискутираше, не само во смисла на финансиска поддршка туку и од аспект на воспоставување транспарентен систем за поддршка на граѓанските организации кој ќе овозможи да се гради релација на доверба меѓу организациите и институциите на централно и на локално ниво. Зборувајќи за предизвиците со кои се соочуваат граѓанските организации во нивното работење, Амбасадорот истакна дека треба да бидат отпорни и да научат да функционираат во секакви услови. Тимот на Цивика мобилитас се заблагодари за досегашната поддршка на Швајцарија за граѓанските организации и му посака успешна работа на новиот амбасадор.
|