Граѓански импулс #6: месечен осврт на активностите на грантистите Shtyp
E enjte, 10 korrik 2025 09:22

Од млади кои преземаат иницијатива за заштита на животна средина, до жени кои се борат за еднакви можности во руралните средини, јуни го одбележаа граѓани што не чекаат, туку дејствуваат. Преку обуки, акции и јавни дијалози, организациите на терен испратија јасна порака дека промените не се случуваат сами од себе, туку тие се резултат на здружена, информирана и истрајна граѓанска акција.

Sredba za vmrezuvanje 4

Младинскиот ангажман за климатските промени доби нов енергичен  и креативен импулс фокусиран на промени. За време на „Неделата на Цивика мобилитас – Климатски промени и младински активизам“, 30 млади од Струга, Дебар и Охрид не само што се обучуваа за развој на проекти, туку и дизајнираа сопствени еко-иницијативи, подготвени за реализација во нивните заедници. Петдневниот камп и регионалниот настан на бродот „Галеб“ отворија клучни прашања за заштита на водните ресурси, а младите станаа носители на идеи што се влеваат во поширокото движење за климатска одговорност. Проектот „Да учиме за климатските промени“, спроведуван од Извидничко поречанскиот одред „Крсте Јон“ – Струга, здружението Центар за одржлив развој на заедницата – Дебар и Регионалниот зелен центар – Охрид, ја даде токму таа можност за генерациите кои учат, соработуваат, замислуваат решенија и храбро чекорат кон одржлива иднина.

1 4 scaled e1751295158730 1024x607

И учениците од Неготино имаа свој еколошки придонес. Тие со средства собрани преку акција за собирање текстилен отпад, засадија нови садници на повеќе локации. Акцијата, предводена од Центарот за климатски промени, „Креатив“ од Неготино и останатите партнерски организации, јасно покажа дека отпадот не мора да биде проблем, туку можност. Со секој собран килограм текстил и новозасадените садници, граѓаните докажаа дека малите чекори можат да водат кон значајни и одржливи промени. Преку истиот проект, во Гевгелија се одржа регионален форум за одржливо земјоделство, каде што млади, институции и земјоделци дискутираа за фер управување со земјиштето, агроеколошки практики и за потребата од поддршка за зелени стартапи. Истовремено, во Битола и Могила се спроведе скрининг на општинските капацитети, каде што беа идентификувани клучните проблеми во системите за управување со отпад и истакната потребата од енергетска ефикасност, едукација и подигање на јавната свест.

Во Скопје, на тематскиот форум „Од различност до праведност“, организиран од ЦМА „Крик“, ЦСИ „Надеж“ и Здружението на социјални работници на Македонија – ЗСРМ, граѓански организации и институции застанаа рамо до рамо со младите, нагласувајќи ја потребата од инклузивни еколошки политики. Презентираната анализа откри дека 90% од младите не знаат каде да пријават загадување, но речиси 80% би се вклучиле волонтерски, доколку имаат таква можност.

Screenshot 2025 06 23 213303

Можностите за младите беа во фокус и во Радовиш, каде што се одржа регионална конференција за финансиска писменост, организирана од здруженијата „КРУНА Плус“ од Радовиш, „Промо Идеа“ и „Новус“ од Струмица. Интерактивните сесии им помогнаа на младите да разберат како да управуваат со пари, да поставуваат лични буџети и да користат дигитални алатки, а директната комуникација со експерти ги мотивираше да ја преземат контролата врз својата финансиска иднина.

Жените, особено оние од руралните средини, почнаа да зборуваат отворено и гласно. Во Крива Паланка, на регионалната средба на рурални жени од североистокот, беа споделени предизвиците од иницијативите што веќе се спроведуваат – како што се подобрување на локалната инфраструктура и барањата за транспарентно донесување одлуки. Средбата се одржа во рамки на проектот „Активни жени“, што го спроведуваат ХЗ „Мајка“ од Куманово, Регионалниот центар за одржлив развој од Кратово, РЦС „Спектар“ од Крива Паланка и Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија од Куманово.

majka 3 edited scaled

Во Струмица и Тетово, темата беше економска самостојност. Жените учеа за пристап до микрофинансирање и можности за започнување сопствен бизнис. Овие активности, кои произлегуваат од проектот „Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество“, што го спроведуваат ЖГИ „Антико“, „Секогаш Сожиот“ од с.Канатларци и „Адрион“ од с. Желино, уште еднаш покажаа дека жените имаат идеи, мотивација и сила – а најмногу од сè, им е потребна поддршка.

А кога зборуваме за поддршка – дигиталната трансформација доби нов импулс. Преку проектот „(ДИГИЛОК) Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција“, Блинк 42-21 и партнерските организации во Неготино ја презентираа платформата #мЗаедница – алатка што овозможува директна комуникација помеѓу граѓаните и локалната самоуправа. Со оваа алатка, пријавувањето проблеми, учеството во јавни консултации и следењето на локални политики станува поедноставна и поефикасна интеракција со општината – преку мобилен телефон или компјутер.

505359320_1110370091115517_7317378420810800444_n-1.jpg

На национално ниво, Finance Think (Финанце Тхинк) и партнерските организации ја презентираа платформатаКОМПАС“ која ја следи реализацијата на вкупно 139 ветувања, распоредени во пет приоритетни области: социо-економија, образование, здравство, млади и родова еднаквост. Според првичните податоци, умерен е напредокот во исполнувањето на владините ветувања за периодот 2024–2028. Секторот образование предничи, здравството бележи почетен напредок, но родовата еднаквост – сè уште чека.

Јуни беше месец на исклучителна енергија што се чувствува на терен. Од идеја до реализација, од разговор до промена, од локални акции до национални иницијативи, граѓанскиот сектор продолжува да  се справува со предизвиците  заедно и доследно.

 


Te nderlidhura: