Следење на работата на Државната комисија за спречување на корупцијатa: Квартален извештај бр.1 |
Автор: Македонски центар за меѓународна соработка Резултатите од следењето на работата на ДКСК за периодот октомври - декември 2016г. се дел од првиот, од петте квартални извештаи кои ќе бидат подготвувани и објавувани во наредниот период. Од вкупно 25 индикатори следени во набљудуваниот период, а за кои се следи исполнувањето на законските обврски, 15 се остваруваат целосно во согласност со законот, девет се остваруваат делумно, а еден не се остварува. Во овој период активностите на ДКСК биле насочени кон давање мислење за примена на одредбите од Законот за спречување на корупцијата во изборниот период. Комисијата, повела три иницијативи за разрешување, распоредување, сменување на избрани или именувани одговорни лица. ДКСК можела, а не повела иницијатива пред надлежен суд за да изрече глоба на институција или одговорно лице од институцијата што не доставиле податоци потребни за ажурирање на Регистарот. ДКСК не одржува редовни квартални состаноци со граѓанскиот и приватниот сектор - потписници на Меморандумите за соработка во борбата против корупцијата и судирот на интереси, како што е предвидено во Годишната програма за работа за 2016 г. ДКСК побарала надлежно постапување од Јавното обвинителство на РМ за 21 здружение и фондација и една политичка партија, односно, детални контроли на нивното финансиско - материјално работење од Управата за јавни приходи и за финансиска контрола/анализа од Управа за финансиско разузнавање. Во овој извештај опфатени се и резултатите од анкетата која ја спроведе МЦМС во февруари 2017г. на репрезентативен примерок од 1.300 испитаници. Резултатите покажаа дека постои релативно познавање на ДКСК од страна на граѓаните. Вкупно 68,1% од испитаниците слушнале дека постои ДКСК. Повеќе од половина граѓани (57,1%) воопшто не се запознаени со тоа што работи ДКСК. Само 4,5% граѓани се целосно запознаени, а 37,7% дека се донекаде запознаени со работата на ДКСК. Висок е бројот од граѓани (61%) кои сметаат дека со својата работа ДКСК ги штити интересите на поединците (приватен интерес на политичари, избрани и именувани лица), наспроти 28% од граѓаните кои сметат дека ги штити интересите на граѓаните (јавниот интерес). Целта на овие изданија е граѓаните и другите засегнати страни редовно да добиваат информации за резултатите од работењето на ДКСК. За самата ДКСК придобивка од надворешното следење е да добие независна оценка за своето работење. Секој извештај ќе содржи и заклучоци за соодветниот период што ДКСК ќе може да ги искористи за потврдување на достигнувањата и за подобрување во областите во кои е идентификувано потфрлање. |