Извештај за овозможувачката околина за развој на граѓанското општество 2020 |
Автори: Снежана Камиловска Трповска, Валентина Величковска и Јасмина Чаушоска МЦМС и оваа година го подготви осмиот извештај за овозможувачката околина за развој на граѓанското општество. Следењето се заснова на матрицата за следење на овозможувачката околина за развој на граѓанското општество, развиена од претставници на организации членки на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН). Извештајот ги следи состојбите во околината во која дејствува граѓанското општество во рамките на трите клучни области:
Граѓанското општество во 2020 г. дејствуваше во релативно овозможувачка околина. Почетокот на 2020 година не навестуваше дека ќе ја имаме една од најголемите кризи со кои се соочи светот во последните децении, што ќе има сурово и многу големо влијание врз целиот свет, вклучително и нашата земја. Основните слободи на здружување, собирање и изразување беа законски загарантирани и генерално заштитени. Меѓутоа, во 2020 година, овие слободи не ги уживаа сите во пракса, имајќи предвид дека беше донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за јавни собири за време на вонредна состојба што ги ограничи јавните собири и уште повеќе, додека вонредната состојба беше на сила, не беа дозволени јавни собири. Освен мерките кои беа преземени, ГО не се соочија со поголема повреда на слободата на здружување, собирање и изразување или каква било друга повреда на правата и слободите од почетокот на пандемијата со КОВИД-19. Она што претходно беше откриено како потенцијална закана, беше надминато со предлог-текстот на Законот за лобирање. Процесот на консултации за овој закон продолжи во 2020 година со Министерството за правда и текстот на предлог-законот обезбедува заштита и уживање на принципите на слободата на здружување. Предлог-законот чека на усвојување во Собранието. Поради кризата со КОВИД-19, сите реформи за унапредување на овозможувачката околина на ГО беа одложени, и во 2020 година не беа идентификувани реформи. Поради кризата со КОВИД-19, обезбедувањето финансиски средства беше предизвик за ГО, имајќи на ум дека државата не предвиде директни мерки за ГО за справување со последиците од КОВИД-19 кризата. Иако во 2019 година се случија некои позитивни движења во однос на државното финансирање за ГО, во 2020 година ништо не се случи по ова прашање. Мерките поврзани со сеопфатната реформа за јавно финансирање, предвидени во новата Стратегија кои се очекуваа до крајот на првото тримесечје во 2020 г. не се спроведоа ниту до крајот на годината. Поголемиот дел од државните институции кои доделуваат средства на ГО не обезбедуваат јавно достапни информации за постапките за финансирање и информации за финансирани проекти или опфаќаат само основни детали. Понатаму, постои необврзувачки процедурален документ (Кодекс) кој ја регулира распределбата врз основа на најдобрите практики. Распределбата на приходот од игрите на среќа и забавните игри за ГО сѐ уште не е зголемена и се распределува меѓу многу мал број на организации. Исто така, нема напредок во однос на обезбедување институционална поддршка на ГО. Сѐ уште, не постојат можности за повеќегодишно финансирање, ниту пак има кофинансирање за ЕУ и други проекти. Ако во 2019 година имаше значајно вклучување на ГО во процесите на креирање јавни политики и донесување закони преку различни форми на вклучување (електронски консултации, работни групи, консултации, итн.), 2020 година и почетокот на кризата со КОВИД-19 ни покажа различна слика. Во пракса, соработката помеѓу Владата и ГО е подобрена, како и ефективноста на консултациите. Имено, 82% од вкупниот број предлог -закони беа консултирани преку ЕНЕР, а за 89% од нив беше испочитуван минималниот рок од 20 дена за консултации. Според истражувањето, 61,3% ГО соработувале со државни институции во изминатата година. Вкупно 48,5% од ГО што одговорија во истражувањето беа вклучени во процесите на креирање политики и донесување закони. Сепак, постои потреба за понатамошно подобрување на ефективноста во консултациите. Покрај тоа, 2020 година покажа дека државата нема механизми за соработка при креирање закони/политики во кризна/вонредна состојба и соработката варира од една до друга институција. Според истражувањето, во врска со протокот на информации помеѓу Советот и ГО, 50,9% од ГО се информирани за работата на Советот, додека 30,7% не се. Ова е намалување во споредба со истото истражување за 2019 година кога 61,3 % од граѓанските организации изјавија дека се информирани за работата на Советот. Понатаму, истражувањето покажа дека процентот на граѓански организации кои велат дека претставниците на ГО во Советот се консултираат со нив за актуелни прашања е сосема ист со процентот на оние што не се консултирани (41,6%). Конечно, 47% од испитаниците се согласуваат, а само 4% во целост се согласуваат со изјавата дека одлуките на Советот се базираат на препораките и придонесот на ГО.
|