Граѓански импулс #18 – месечен осврт на активностите на грантистите Печати
Вторник, 28 јули 2026 09:08

Граѓанскиот активизам во јуни покажа дека промената доаѓа од секојдневната, конкретна работа на терен. Во Битола младите се обучуваа да носат одлуки во кризни ситуации, а во Демир Хисар, по повеќе од две децении, повторно оживеа градското кино. Паралелно, жените низ земјата отворија прашања за родово одговорни буџети, а еколошките иницијативи стигнаа од обуките за чист воздух во Кичево, до подводното чистење на Охридското Езеро. Во овој број на Граѓански импулс ги пренесуваме најзначајните активности на грантистите на Цивика мобилитас низ месецот.

граѓански импулс 8

Во Битола, младинскиот центар „Сфера” беше домаќин на тест-симулација за проверка на функционалноста на Националниот протокол за справување со кризи, преку проектот „Поврзани во криза: Млади што градат отпорност и заедништво”, во организација на „Младите можат” и „Супортко” Кочани. Млади од Скопје, Кочани, Битола, Струмица и Гостивар преку интерактивна друштвена игра беа ставени во улога на носители на одлуки во кризни сценарија. Слична младинска енергија, но насочена кон културата, доведе до возобновувањето на киното во Демир Хисар, каде Про локал, во партнерство со „Граѓанска актива Икарус” – Демир Хисар, преку проектот „Младински политики по мерка на младите”, на 19 јуни, го отворија киното  по повеќе од две децении пауза во работата.

Креативноста продолжи да биде мост кон родовите теми и на работилницата од проектот „Менторство во правосудството и младински ангажман за родова еднаквост”, која ја реализираа Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници (МЗМП). Млади преку сликање, инспирирани од традиционалните народни везови, разговараа за родовата еднаквост и активизмот.

738217309 1708410107073867 5942851306590380792 n

Практичните вештини, пак, беа во центарот на вниманието во Струмица, каде „Новус” ја реализираше Академијата за финансиска писменост преку проектот „Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот”,  четиридневна обука на која младите стекнаа знаења за буџетирање, штедење и финансиско планирање.

Прашањето каде треба да води образованието на младите се најде во центарот на јавната дебата, на панел-дискусија од проектот „Застапување за инклузивен развој”, организирана од Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС), Форумот за разумни политики и Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХНС). Учесниците укажаа на значителен јаз меѓу образовниот систем и потребите на пазарот на трудот, особено во инженерството и ИТ-секторот.

Додека едните градат вештини за иднината, други работат на заштита на децата во сегашноста. Првата детска амбасада во светот Меѓаши, во партнерство со ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување, во рамки на проектот „Безбеден интернет простор за деца и млади” одржа три работилници за детски права во дигиталната ера, а на 16 јуни присуствуваше и на потпишувањето на Декларацијата за превенција на насилство кај младите, организирано од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Грижата за заедницата се пренесе и кон животната средина. По повод Светскиот ден на животната средина, Центарот за климатски промени, преку проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на локално ниво”, одржа еко-работилница за најмладите во Карпош, а неколку дена подоцна, во партнерство со Фондацијата за локален развој и развој на информатички технологии Гевгелија, организираше форум за иднината на планината Кожуф.

Заштитата на природните ресурси продолжи и под површината на Охридското Езеро, каде Извидничкиот поречански одред „Крсте Јон” – Струга, заедно со Регионалниот зелен центар Охрид и нуркачки клубови од Македонија, Србија, Косово и Хрватска, во рамки на проектот „Да учиме за климатските промени” спроведе акција за подводно чистење на брегот.

720011121 1710792497011660 6375863697895970517 n

Циркуларната економија најде свој дом и во компостирањето. Центарот за ресурси во животната средина (РЕЦ), со „Еко логик” и „Флорозон”, преку проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад” реализираше акции во ООУ „Владо Тасевски” и ООУ „Аврам Писевски” во Скопје.

На регионално ниво, истата тема ја отвори и Зелен институт, кој заедно со Националното здружение на сопственици на приватни шуми, преку проектот „Нула биоотпад: системски промени во партнерство со граѓаните”, одржа форуми за третман на биоотпад во Кавадарци и Радовиш. Воздухот остана приоритет за Здружението на еколози „Натура” – Струга, кое преку проектот „Граѓанска мрежа за чист воздух во Југозападен регион” продолжи со обуките за чист воздух во Дебар и во Кичево.

Еколошките пораки најдоа и најнеформален пат до граѓаните. Центарот за младински активизам КРИК, со Центарот за социјални иницијативи „Надеж” и Здружението на социјални работници на Македонија, го водеа Зелениот караван 2026 низ Тетово, Куманово, Битола и Кичево, комбинирајќи ги климатските теми со музика и стенд-ап настап, како дел од проектот „ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина”.

726350034 1469151848589939 6556236904818820122 n

Од зелените иницијативи, фокусот се пренесе кон економското јакнење на жените. Хуманитарното здружение „Мајка” од Куманово, со Регионалниот центар за соработка Спектар, Регионалниот центар за одржлив развој – Кратово и Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија – Куманово, преку нивниот проектот „Активни жени” ги обединија овие две теми – од едукативна работилница и еко-акција во Куманово, до работилница за одржливост на женските јадра со учесници од Куманово, Крива Паланка и Кратово.

Претприемништвото на жените, пак, се најде во фокусот на Антико, кое во партнерство со „Секогаш соживот” и „Адрион”, преку проектот „Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество”, организираше настан во Центар Жупа за родово одговорно буџетирање, а во Штип заврши со сертификати обуката за шминкање за 70 жени од 10 општини.

Гласот на жените се пренесе и во општинските буџети. „Гласен текстилец”, ЕХО едукативно-хуманитарна организација и Иницијатива на невработени интелектуалци (ИНИ), одржаа форуми за буџетско застапување во Виница, Штип и Делчево, вклучувајќи го форумот „Гласот на жените во општинскиот буџет” во Виница. Форумите беа дел од проектот „Преку женски активизам и граѓански иницијативи до родово инклузивни и одговорни општини”.

Правата на ранливите категории граѓани останаа во фокусот и во Велес, каде Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености, во партнерство со „Порака” – Неготино и „Еко-живот” од Кавадарци, преку проектот „Соочување со предизвиците и стигматизацијата” организираше трибина за правата на пациентите со фокус на лицата со попреченост.

725114459 1021595243892245 2653931571976084562 n

На институционално ниво, прашањето колку добро се исполнуваат владините ветувања кон граѓаните го отвори Finance Think, кое во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), Македонското лекарско друштво и Младинскиот образовен форум (МОФ) ги претстави наодите од платформата КОМПАС која ги следи овие ветувања. Речиси половина покажуваат напредок, но родовата еднаквост втора година по ред не бележи никакво поместување.

Транспарентноста, пак, беше тема и за граѓанскиот сектор. Здружението Конект, во партнерство со Младинската асоцијација ИМКА Битола, преку проектот„Промени за одржливост” организираше средба на банки, регулаторни институции и граѓански организации, проследена со обука за препораката број 8 на Работната група за финансиски акции (ФАТФ).

Изданието го затвораме со медиумите. Институтот РЕСИС и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), одржаа серија работилници во Струмица, Охрид и Тетово, со цел да се прошири иницијативата Локал Актив Полог – Новинари, активисти и млади ќе соработуваат за нов медиум на заедницата. Идејата е дел од проектот „Медиуми на заедницата за посилно граѓанско општество”.

Овие активности, поддржани од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, продолжуваат да ја потврдуваат континуираната посветеност на граѓанските организации за создавање подобри и поквалитетни услови за живот на граѓаните во земјата.


Поврзани: