| Стратешките цели и приоритети на граѓанските организации- клучна појдовна точка за развој на проектни идеи |
|
| Петок, 08 мај 2026 15:45 | |||
|
„Развојот на проектни идеи и подготовката на проекти и програми треба да биде поврзано со стратешките цели и приоритети на граѓанските организации“ беше општиот заклучок на Работилницата за Стратешко планирање која на 05-06 мај 2026 г. беше организирана од страна на Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје.
Работилницата на оваа тема се одржа како последователна активност на олајн обуката за Стратешко планирање, а учесниците на истата беа избрани на отворен повик. Учесниците на оваа работилница го зголемија своето знаење и вештините за стратешко проектирање на посакуваната иднина и правецот по кој организациите сакаат подолгорочно да се движат. Првиот ден од работилницата беше посветен на анализа на состојбите во граѓанските организации. Со цел да добијат прецизна и точна слика за состојбите на нивните организации, учесниците добија теоретски знаења за принципите на кои се базираат двата вида анализа: внатрешна, во рамки на која се анализираат внатрешните организациски елементи, кои организацијата може да ги контролира, како и надворешна анализа во рамки на која се анализира генералното опкружување во кое делува организацијата. Потоа учесниците имаа можност и практично да ги применуваат алатките за внатрешна и надворешна анализа на состојбите преку користење на Интегрираниот организациски модел (ИОМ), Анализа на чинители-Институциограм, SWOT анализа и матрицата за Стратешка ориентација и да научат како добиените резултати да ги користат како основа при донесување на одлуки на стратешко ниво.
Вториот ден од работилницата учесниците работеа на креирање на визија и мисија и одредување на стратешки приоритети и долгорочни цели на нивните организации, а потоа и на поврзување на нивните стратешки приоритети со развојот на проектни идеи и подготовка на проекти и програми. На крајот од работилницата беа разгледани неколку различни формати на стратешки планови и беше дискутирано со учесниците дека процесот на стратешко планирање треба да се прилагоди така да одговара на реалната состојба и реалните можности на организациите. „Ова е исклучително корисна работилница за нашата организација, особено што се наоѓаме во ситуација да правиме реорганизација и нов Стратешки план“ рече Весна Златевска од Здружението Доверба од Скопје. „За нас работилницата се случи во вистинско време“ додаде таа.
„Работилницата е од голема вредност за сегашното и идното работење на Хуманитарната организација за заштита и помош на стари лица Живот и Надеж од Скопје “ изјави Александра Илиева Милчова, претседател на здружението. „Од посебно значење ни беа темите поврзани со надворешната и внатрешната анализа на организацијата, визијата и мисијата, како и практичната размена на искуства и можностите за идна соработка со дел од присутните“ истакна таа. И за Гоце Блажевски, претседател на Здружението за социјални услуги ДОБРО СРЦЕ од Прилеп, работилницата за Стратешко планирање беше од големо значење за понатамошната работа на неговото здружение: „Знаењата стекнати на работилницата ќе ги искористиме за квалитетна подготовка на нов Стратешки план на здружението. Стекнав многу позитивни впечатоци од работилницата и професионалната и инспиративна презентација на обучувачката“ рече тој. Работилницата беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар
|