Граѓански импулс #15 – месечен осврт на активностите на грантистите Печати
Вторник, 14 април 2026 15:17

Во ова издание на Граѓански импулс #15 ги издвојуваме најважните активности на грантистите од март, со фокус на иницијативи кои придонесуваат за поинклузивно, транспарентно и одржливо општество.

Млади и искусни новинари заедно ќе пишуваат за локалните проблеми. Ова беше главната тема на редакцискиот состанок на новинарите и активистите од „Локал актив исток” со претставници од Институтот РЕСИС и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) одржан во Штип, преку проектот „Медиуми на заедницата за посилно граѓанско општество”. Проектниот координатор Игор Мицевски истакна дека фокусот ќе биде ставен на вклучување на млади луѓе во редакциите, со што корист ќе имаат и самите млади и локалното новинарство во целина.

gragjanski impuls 6

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) одржа консултативни средби со новинари и уредници, на 17 март во Битола и на 25 март во Куманово, а во рамки на процесот за финализирање на новиот текст на Кодексот на новинарите. На средбите беа истакнати предизвиците на локалното новинарство: финансиска нестабилност, намален број на локални медиуми и сè поголемо влијание на неформални дигитални извори кои не се придржуваат до етички стандарди.

Само 14 од 643 претставки поднесени пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во периодот јули 2024 – септември 2025, или само 2%, потекнуваат од жени од маргинализирани заедници. Иако 36% од вкупните претставки се поднесени од жени, оние од маргинализирани заедници практично остануваат невидливи во системот и покрај постоењето на законска рамка и институционални механизми. Овие наоди беа презентирани на регионалниот форум организиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права на 26 март во Скопје, каде извештајот од мониторингот укажа на значителен јаз помеѓу формалната правна рамка и практичниот пристап до правда. Настанот се организираше преку проектот „Еднаквост сега – Зајакнување на маргинализираните заедници за социјална инклузија и недискриминација”.

ZNM impuls 3

Од локални средби до јавна кампања, „Гласен текстилец“ и партнерите ја засилуваат улогата на жените во креирањето на локалните политики. Преку директни средби со општините, меѓу кои и Делчево, беа отворени прашања за јавната хигиена, осветлувањето и воведување општински превоз – иницијативи што треба да го подобрат секојдневниот живот на граѓаните.  Паралелно, во Штип се завршија родово буџетските иницијативи, каде учесничките работеа на прецизирање на проблемите и предлог-мерките, со цел тие да бидат подготвени за застапување пред институциите. Овој процес ќе продолжи со нивно поднесување и барање за конкретна реализација.  Активностите се надополнети и со кампањата „Буџетот не е неутрален“ , која ги истакнува приоритетите на жените во Виница, Делчево и Штип – подобра инфраструктура, јавна хигиена, грижа за старите лица и побезбедни улици.

Со порака дека дигиталната инклузија е прашање на човекови права, а не само техничко прашање, „Отворете ги прозорците“ го претстави проектот „Застапување за дигитална инклузија“, во партнерство со здружението за попреченост и правда ЗЕТА. Настанот обедини претставници од институциите и граѓанските организации околу потребата од подобар пристап до асистивна технологија. Притоа беа истакнати и конкретни насоки – од вложувања во училишта со ресурсни центри и обезбедување асистивна технологија, до развој на дигитални услуги без бариери. Проектот ќе се темели на национално истражување и консултации со засегнатите страни, за да се креираат системски решенија што одговараат на реалните потреби.

OI impuls 2

Социјалните претпријатија сè уште чекаат правно препознавање. На 11 март во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје, Конект обедини 26 претставници од граѓански организации, институции и општини на јавна расправа за нацрт-законот за социјални претпријатија, во рамки на проектот „Промени за одржливост” што го спроведуваат во партнерство со фондација Аполонија. Дискусијата се фокусираше на дефинициите, условите за приход, даночните олеснувања, субвенциите и механизмите за транспарентност, со заклучок дека законот треба да биде применлив, поттикнувачки и да обезбеди вистинска поддршка за социјалните претпријатија.

Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ), Еко Логик и Флорозон ја објавија статијата „Клучната улога на образованието во промоција на одржливи навики за управување со био отпад“, подготвена во рамки на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“. Спроведувачите ја истакнуваат улогата на образовните институции во развој на одржливи практики – од воведување училишни компостери и практични активности, до вклучување на учениците во проекти и едукативни иницијативи, за да се поттикне еколошка свест, критичко размислување и одговорно однесување кај младите и пошироката заедница.

Zelen institut 3

Зелен институт преку проектот „Нула биоотпад: во партнерство со граѓаните“ ги интензивира теренските активности за подобро управување со биоотпадот, спроведувајќи обуки за анкетари и воспоставувајќи соработка со општините Радовиш, Кавадарци и Куманово. Преку интервјуа со локални институции, јавни претпријатија и бизниси, проектот ја нагласува потребата биоотпадот да се третира како ресурс – за компост, енергија или други намени, наместо како отпад. Собраните податоци и консултации со засегнатите страни ќе послужат за изработка на предлог-концепт за системско решавање на биоотпадот на национално ниво.

Центар за климатски промени преку проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на локално ниво“ реализира серија онлајн работни и консултативни средби со претставници од сите плански региони во земјата, со цел презентација и доработка на Патоказот за Зелена агенда. На средбите со општините од Југозападниот, Пелагонискиот, Југоисточниот, Вардарскиот, Североисточниот и Источниот регион беше презентирана работната и нацрт-верзија на документот и се отвори дискусија за негово унапредување.

Еко зелено движење Берово, партнер на ЦКП сподели податоци од Анализата за Зелена агенда за Западен Балкан, во кои жоже да се забележи доближување на ставовите на граѓаните од источниот регион. Резултатите покажуваат дека граѓаните се подготвени да селектираат отпад доколку има услови, дека силно ѝ веруваат на домашната храна и дека сè повеќе се подготвени да платат за поздрави производи.

Центар за младински активизам КРИК воспостави партнерство со ЈЗУ Психијатриска болница Скопје во рамки на проектот „Заеднички за зелено застапување“, насочено кон унапредување на поддршката и инклузијата во заедницата. Во текот на март и април, Центарот реализира обука на тема „Помеѓу загадувањето и менталното здравје на младите“, вклучувајќи 14 млади од општинските организации на Црвен крст на Република Македонија во Гостивар и Кичево. Учесниците се запознаа со теми како еко анксиозност, еко тага и улогата на младите во градење одржливи заедници.

Pro lokal impuls

Про локал од Битола, како дел од проектот „Младински политики по мерка на младите“ на 19 март одржа две фокус групи, во Тетово и во Охрид, со претставници од граѓански организации, каде што дискутираа за разликите помеѓу руралните и урбаните општини и за препораки за подобрување на Законот за младинско учество и младински политики. На 26 март, во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје, главниот истражувач Рубин Николоски ги презентираше клучните наоди од националната проценка на влијанието на Законот за младинско учество и младински политики. Податоците покажуваат дека бројот на локални младински совети се намалува од 2021, во многу општини нема буџетска ставка за млади, а младите во руралните средини заминуваат уште во средно училиште.

За унапредување на јавната дебата за високото образование, Балкански институт за регионална соработка објави пет анализи: „Рангирање на универзитетите и квалитетот на високото образование“, „Меѓу европската стандардизација и дилемата за универзитетската автономија“, „Анализа на Предлог-законот за високо образование“, „Високото образование во Северна Македонија и неопходноста од реформи“ и „Судир на образовни култури: универзитетот меѓу навиките и трансформацијата“.

Овие активности, поддржани преку проектите од Цивика мобилитас, ја потврдуваат континуираната посветеност на граѓанските организации за создавање подобри и поквалитетни услови за живот на граѓаните.

 

 

 

 


Поврзани: