| Препораки за родова еднаквост и инклузија во македонскиот спорт |
|
| Среда, 19 ноември 2025 15:10 | |
|
Рушењето на бариерите во спортот за поголемо вклучување на жените и девојките бара културни, системски и институционални промени. Стратегиите и мерките во полето на спортот треба да овозможат еднакви можности за учество и напредок за жените и девојките, вклучувајќи ги и оние со попреченост. Спортот има огромна моќ да го поттикне јакнењето на жените и девојките во општетсвото и да го намали јазот меѓу родовите, но оваа моќ потребно е да се канализира со добро осмислени и таргетирани мерки кои ќе донесат промена.
Најпрво, законот за спорт и механизмите за финансирање мора да гарантираат еднакви можности преку поврзување на државната поддршка со родово избалансирано лидерство и транспарентно регрутирање во спортските федерации. Националните спортски федерации треба да воведат квоти, менторство и програми за обука за да ги подготват и оспособат жените за улоги во донесувањето одлуки. Потоа, создавањето безбедни, достапни и флексибилни средини, и на теренот и надвор од него, ќе им помогне на жените подобро да ги избалансираат своите спортски и семејни одговорности и ќе можат да се посветат на кариера во спортот. Подеднакво важна е и улогата на образованието, имено, медиумите и јавните кампањи имаат огромно влијание во разобличувањето на стереотипите што го дефинираат спортот како „машка средина“. Успешни примери на жени лидерки во спортот потребно е континуирано да бидат дел од јавниот дискурс. МЦМС повикува на итни законски и политички реформи за усогласување на националното спортско законодавство со меѓународните стандарди за еднаквост во спортот. Само преку заедничко дејствување на институциите, спортските организации и граѓанското општеството, Северна Македонија може да изгради инклузивна спортска култура каде што жените и девојките учествуваат, водат и напредуваат подеднакво.
Токму и извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата во 2025 година ја потврдува препораката за Северна Македонија да преземе чекори за усогласување на националното законодавство со европското законодавство и стандардите за еднаквост и недискриминација, особено во делот на родова еднаквост. Тоа продразбира приближување на законодавството на ЕУ за родова еднаквост во однос на прописите за рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот, транспарентноста на платите и учеството на жените во управните одбори.
Во трите инфографици, се сумирани нашите главни препораки во три дела: општи препораки, препораки за институциите надлежни во областа на спортот и препораки за националните спортски федерации. Препораките се дел од истражувањето „Родова еднаквост и инклузивност во спортот во Северна Македонија“. Истражувањето се подготви во рамки на проектот „Фер игра: поддршка за родова еднаквост во спортските политики“ кој се имплементира од Олимпискиот комитет на Северна Македонија во партнерство со МЦМС, Спорт Социал Солушн и Параолимписки комитет. Проектот е финансиран од Европската Унија.
|