Граѓаните кои ја преземаат иницијативата во своите заедници, ја градат надежта оддолу |
![]() |
Среда, 23 април 2025 09:06 | |
Во овој број посветен на граѓанското учество, ги носиме приказните на оние кои не се помируваат со статус кво. Од Битола до Скопје, низ конференции, обуки, маршеви и локални анализи, граѓанскиот сектор ја води својата и битката на оние кои ги застапува за поинклузивно, одговорно и одржливо општество. Студентската конференција „Дигитална слобода и родова еднаквост“ ја отвори темата за дигиталното родово-базирано насилство, а младите беа охрабрени да ги скинат синџирите на онлајн вознемирувањето и злоупотребата. Паралелно, во рамки на програмата „Менторки на иднината“, девојките ја зајакнуваат својата емоционална интелигенција и лидерски капацитети, градејќи мрежи на поддршка и соработка. Најавено е и Европското дебатно првенство за средношколци, кое во 2026 ќе се одржи во Скопје, во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ). Настан што се очекува да внесе свежа енергија во културата на аргументирана дебата и критичко размислување. Граѓаните на 8 Март маршираа со порака: „Нека јадат ружи“, инсистирајќи дека борбата за родова еднаквост не е симболика, туку итна потреба. Истовремено, организации како Кризниот центар „Надеж“ и ЕСЕ ги истакнаа реалните предизвици: семејно насилство, доцнење на лекови за пациентите со ретки болести, отежнат пристап до гинеколошки услуги и недоволна поддршка за ранливите групи. Зелените политики, пак, остануваат закочени на локално ниво – анализите покажуваат дека најголем дел од општините (72%) немаат воопшто или немаат ажурирани локални еколошки акциски планови. На глобалната агенда за климатска акција ѝ недостига локално спроведување. Во сета оваа динамика, граѓанскиот сектор останува гласен чувар на јавниот интерес. Барањата за неселективна правда по трагични несреќи, транспарентност при јавните набавки, подобар пристап до информации и ефикасни здравствени програми, се повторуваат, додека истражувањата откриваат и недоверба на граѓаните во медиумите, придружена со ниска медиумска писменост. Граѓанските организации организираа и обуки за одржлив туризам, а го одбележаа и Денот на извидништвото. Владата донесе решение за составот на новиот Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, а се одржа и првиот состанок на работната група за подготовка на новата Стратегија за соработка со граѓанскиот сектор. Се надеваме дека ова е чекор кон посистемска поддршка на граѓанското општество. Но клучната лекција е следнава: без активни граѓани нема одговорни институции. Без учество, нема промена. А промената се случува и ќе се случува таму каде што граѓаните не чекаат дозвола да се вклучат, туку го менуваат општеството со секој мал чекор, глас и иницијатива. Погледнете што нуди новиот број „Граѓаните за промена“ #20
|