Завршен тридневниот регионален настан на СЕЛДИ: Поттикнување промени: Антикорупциско застапување и влијание врз политики Печати
Среда, 16 април 2025 18:56

Со силна енергија, инспиративни дискусии и практична размена на знаења, МЦМС, во име на СЕЛДИ мрежата, успешно го реализираше тридневниот настан „Поттикнување промени: Антикорупциско застапување и влијание врз политики“. Настанот се одржа од 14 до 16 април 2025 година во Скопје, обединувајќи над 30 претставници од граѓански организации, добитници на мали грантови од СЕЛДИ програмата и претставници на сите партнерски организции на СЕЛДИ од сите шест земји од Западен Балкан и Бугарија.

20250415 110218 MCMS MCMS

Програмата започна со сесии посветени на јакнење на практичните вештини на граѓанските организации – од ефективна комуникација со медиуми, преку градење партнерства и мрежи, до стратегии за мобилизација на ресурси, застапување и влијание врз јавни политики. Воедно, учесниците имаа можност накратко да ги претстават своите организации и да ја споделат целта на проектите што ги спроведуваат во рамки на СЕЛДИ програмата за мали грантови. Ова им овозможи подобро да се запознаат со работата на колегите од регионот и да почнат да размислуваат за можни поврзувања, синергии и идни можности за заедничка соработка.

490658481 1112568587570050 3774343982235613493 n MCMS

Вториот ден го одбележа Средбата на високо ниво „Иновации против нелегалната моќ“, каде се дискутираше за системските предизвици на корупцијата во регионот. Институции, експерти и претставници на граѓанскиот сектор ги адресираа прашањата за политичката волја, заробеноста на државите, и потребата од поактивна вклученост на граѓаните. Се нагласи дека во време на политички и економски несигурности, здруженото делување е клучно за градење општества отпорни на корупција. Поврзувајќи ги локалните антикорупциски иницијативи со глобалните и регионалните политички процеси, настанот им овозможи на партнерите и грантистите на СЕЛДИ да стекнат стратешки увиди за да го засилат своето влијание.

20250415 104122 MCMS

Дополнително, граѓанските организации имаа можност да ги согледаат глобалните антикорупциски трендови, променливите донаторски стратегии и импликациите од геополитичките промени, вклучително и процесот на пристапување во ЕУ.
Третиот ден беше резервиран за запознавање со методологиите што СЕЛДИ ги користи за проценка на корупцијата и состојбата на заробеност на државите, како и да добијат конкретни насоки и совети за подготовка на влијателни документи за јавни политики. На оваа сесија учесниците дискутираа и за тоа како истражувањето и фактите можат да прераснат во конкретни реформи и да придонесат во напорите за справување со корупцијата.

MCMS3658 MCMS

Во текот на овие три дена присутните имаа можност не само да учат, туку и да разменат искуства и добри практики, поставувајќи темели на една нова платформа на организации кои ги споделуваат истите вредности и кои со својата експертиза и соработка ќе придонесат кон посилен, поотчетен и поотпорен регион. Настанот претставуваше и вистинска можност за градење нови партнерства, регионални соработки и синергии кои ќе продолжат да ја движат борбата против корупцијата и по завршувањето на проектите.


Поврзани: