Матрица за мониторинг на овозможувачката околина за развој на граѓанското општество 2025 Print
Friday, 30 October 2026 16:10

Автор: Даниел Станоески, Снежана Камиловска Трповска
Датум: октомври 2026
PDF MK: Matrica_za_monitoring_Severna_Makedonija_2025.pdf
PDF EN: Monitoring_Matrix_North_Macedonia_2025.pdf

bcsdn monitoring matrix cover 2026 macedonian bookМакедонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го објави Националниот извештај за овозможувачката околина за развој на граѓанското општество во Северна Македонија за 2025 година. Извештајот е дел од годишното следење на правната рамка и нејзината практична примена, со цел да се утврдат условите во кои работат граѓанските организации и да се предложат мерки за нивно подобрување.

Публикацијата е подготвена во рамките на регионалната иницијатива на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН), која ги опфаќа земјите од Западен Балкан и Турција. Наодите овозможуваат следење на промените низ годините и споредба на состојбите во регионот.

Истражувањето се заснова на Матрицата за мониторинг, која ги разгледува законодавството и практиката во три главни области:

  • Основни правни гаранции на слободите;
  • Рамка за финансиска одржливост на граѓанските организации;
  • Односите меѓу Владата и граѓанските организации.
  • Клучни наоди за 2025 година

Извештајот покажува дека основните правни гаранции за дејствување на граѓанското општество се воспоставени, но нивната практична примена и понатаму е проследена со значителни предизвици. Застојот на реформите, финансиската неизвесност и недоволното вклучување на организациите во одлучувањето продолжуваат да ја ограничуваат овозможувачката околина.

Финансиската одржливост беше особено погодена од повлекувањето на поддршката од УСАИД, кое доведе до откажување на активности и намалување на кадарот. Бројот на вработени во здруженијата и фондациите се намали за 6,7% во однос на 2024 година.

Сеопфатната реформа на државното финансирање остана незавршена. Извештајот ги разгледува процесот за изменување на Законот за здруженија и фондации, потребата од унапредување на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности и најавениот фонд за кофинансирање европски и други меѓународни проекти.

Во однос на соработката со институциите, позитивен развој беше реактивирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество во април 2025 година.

Извештајот ги истакнува и притисоците врз активистите, новинарите и организациите, вклучително и стратешките тужби против јавното учество (SLAPP), кои можат да поттикнат самоцензура и да го ограничат дејствувањето во јавен интерес.

Извештајот е наменет за граѓанските организации, институциите, истражувачите, донаторите и сите заинтересирани за развојот на граѓанското општество. Наодите и препораките обезбедуваат основа за застапување и за креирање политики што ќе ја зајакнат одржливоста и независноста на секторот.

Публикацијата е подготвена со финансиска поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида).


Related: