Регионален извештај 2026: застој на реформите и намалени средства за граѓанските организации Print
Tuesday, 27 October 2026 14:22

Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) успешно ја одржа онлајн промоцијата на Регионалниот извештај за 2026 година за овозможувачка околина за развој на граѓанското општество во Западниот Балкан и Турција. Настанот обедини истражувачи, експерти за политики, претставници на граѓанскиот сектор и партнери од Европската Унија.

MM Report Launch MCMS

Воведни обраќања имаа Ања Босилкова-Антовска (извршна директорка на БЦСДН) и Симела Цакири (раководителка на тим во Европската комисија). Тие ја истакнаа клучната улога на независното следење од страна на граѓанското општество во заштитата на граѓанскиот простор и унапредувањето на процесот на пристапување кон ЕУ во целиот регион.

Во дискусијата учествуваа Даниел Станоески и Снежана Камиловска од Македонскиот центар за меѓународна соработка, кои се осврнаа на државната поддршка за граѓанските организации во Северна Македонија и на последиците од повлекувањето на финансирањето од УСАИД. Беа истакнати долготрајниот застој на реформите, ограничената и нерамномерно распределена јавна поддршка и последиците од намалувањето на средствата врз вработувањето и капацитетите на организациите.

Посебно внимание беше посветено на најавениот фонд за ко-финансирање проекти поддржани од Европската Унија и други меѓународни донатори. Беше нагласено дека овој механизам претставува само еден дел од потребната сеопфатна реформа на системот на државно финансирање, која треба да обезбеди потранспарентна, попредвидлива и подостапна поддршка за граѓанските организации.

Дискусијата ја истакна потребата најавените мерки и законски измени да се преточат во практична поддршка што ќе им овозможи на организациите да го задржат стручниот кадар, да ги одржат своите активности и да продолжат да придонесуваат кон демократските процеси и јавниот интерес.

Целосниот Регионален извештај за 2026 и Матрицата за следење можете да ги погледнете на официјалната веб-страница на БЦСДН.


Related: