| Членките на БЦСДН разговараа за идните стратешки и дигитални чекори на мрежата |
|
| Tuesday, 23 June 2026 10:20 | |
|
Претставници на организациите членки на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН), меѓу кои и МЦМС, минатата недела се состанаа во Валона, Албанија, на тридневен настан посветен на стратешкото планирање и дигитализацијата на алатките за мониторинг на граѓанскиот простор во регионот. Работните средби се одвиваа од 16 до 18 јуни 2026 година.
![]() Претставниците разговараа за позиционирањето на мрежата во контекст на новите регионални, европски и донаторски случувања и нивното влијание врз граѓанскиот сектор. Учесниците се осврнаа на клучните достигнувања, научените лекции и предизвиците од имплементацијата на актуелната Стратегија на БЦСДН, притоа дискутирајќи ги идните приоритетни области за застапување и регионален ангажман. Посебно внимание беше посветено на идната улога на Матрицата за мониторинг и Системот за рано предупредување, чија цел е зајакнување на процесите за рано реагирање и мониторинг заснован на докази. Овие дискусии ќе користат како основа за подготовка на идните програми на мрежата. По стратешките дискусии се одржа техничка работилница на која експертите за Матрицата за мониторинг официјално ја отпочнаа третата валидациска фаза на дигиталната платформа „AI Matrix". Оваа иновативна платформа претходно успешно помина два филтри на проверка, од кои првиот се однесуваше на усогласувањето со самата методологија, рамката за бодување и логиката на проценка на Матрицата, додека вториот дел го потврди дигиталниот работен процес, односно успешното трансформирање на досегашното мануелно пополнување во автоматизиран систем на известување. Работилницата во Валона го означи почетокот на клучната трета фаза за тестирање и финализација на алатката. На настанот, покрај претставници на МЦМС, учество земаа и Граѓански иницијативи од Србија, Партнерс Албанија за промена и развој, ЦРНВО Центар за развој на ГО од Црна Гора, Фондација за граѓанско општество Косово (КЦСФ) и Центарот за промоција на граѓанското општество (ЦПЦД) од Босна и Херцеговина.
|