Наша моќ, наша планета: Граѓанскиот сектор предводник на промените Print
Wednesday, 22 April 2026 16:51

Секоја година, 22 април нè потсетува дека планетата не се заштитува само со големи ветувања, туку со секојдневни работа, одлуки, практични решенија и заедници кои знаат дека имаат моќ да направат промена. Овогодинешното мото на Денот на планетата Земја, „Нашата моќ, нашата планета“, особено силно се поврзува со работата на граѓанските организации кои преку знаење, активизам и директна работа со граѓаните ја претвораат еколошката свест во конкретна акција.

Цивика мобилитас ја препозна и ја поддржа улогата на граѓанските организации во борбата за заштита на планетата преку конкретна финансиска и програмска поддршка.

Во рамки на програмата, за заштита на животната средина се доделени 46 грантови на 34 организации, со вкупен буџет од 75.729.198 денари. Ова претставува 7,9 проценти од вкупниот буџет. Цивика мобилитас цврсто стои зад оваа визија преку континуирана поддршка на граѓанскиот сектор, а зад овие бројки стојат организации кои работат во училишта, општини, населби, локални заедници, со млади, со лица со попреченост, со институции и со граѓани кои сакаат поздрава средина за живеење и кои секојдневно докажуваат дека нашата планета зависи токму од нашата моќ.

sajt

Мост меѓу граѓаните и промените

Грантистите на Цивика мобилитас се свесни за својата улогата на мост меѓу граѓаните и институциите, меѓу знаењето и навиката, меѓу проблемот и решението.

Од Центарот за климатски промени (ЦКП) велат дека не е доволно да му кажете на граѓанинот дека треба да селектира отпад ако тој нема каде да го направи тоа. Оваа реченица ја сумира суштината на работата на граѓанските организации, не само да ја подигнат свеста, туку и да ги создадат условите за дејствување. Во истиот дух, од Центар за младински активизам „Крик“ нагласуваат дека нивната улога е да ја направат еколошката свест разбирлива и применлива, преку работа „на терен“, вклучување на лица со попреченост во зелени активности и градење навики, а не само знаење.

Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ), Еко Логик и Флорозон ја потенцираат важноста на создавање еколошка култура преку неформално образование и иновативни алатки за учење. Тоа значи долгорочна едукација на ученици, наставници и заедници за климатските промени и заштитата на животната средина. „Натура“ од Струга пак нагласува дека граѓанските организации функционираат како медијатор помеѓу институционалниот систем и граѓанството, придонесувајќи кон поголема транспарентност и учество во креирањето политики. Извидничкиот одред „Крсте Јон Струга“ улогата на граѓанскиот сектор ја гледа и низ мобилизирање на волонтери и локални лидери за создавање на долготрајни промени и за притисок при спроведувањето на донесените политики.

Зелен институт, пак ја отвора темата дека биоотпадот не е проблем, туку ресурс кој може повторно да се искористи. Тие ги поврзуваат граѓаните со институциите, ги преведуваат сложените еколошки теми на јазик разбирлив за заедницата и создаваат услови свеста да стане навика.

650090700 1379834137521711 12194102591844355 n

Постигнувања кои зборуваат за себе

Влијанието на грантистите најдобро се гледа во конкретните промени што ги создаваат на терен, прикажувајќи како оваа моќ се претвора во дело.

ЦМА „Крик“ преку Центарот за окупациона терапија „Крикни“ развива практични модели за рециклирање хартија и нејзина повторна употреба во креативни и функционални производи. На тој начин, намалувањето на отпадот се поврзува со социјална инклузија, а зелените практики стануваат дел од младинската и социјалната работа.

„Идејата е да ја поврземе екологијата, заштита на животната средина и самиот пристап до здрава животна средина со младинската и социјалната работа, што ретко се прави системски во Македонија“, посочуваат од ЦМА „Крик“.

РЕЦ со години вложува во едукација, обуки, прирачници и кампањи за подигнување на јавната свест, создавајќи основа за генерации кои подобро ги разбираат климатските промени и сопствената улога во заштитата на животната средина. Еко Логик работи на тоа знаењето да се претвори во секојдневна грижа, преку неформална едукација, зелени иницијативи и активно учество на граѓаните. Флорозон го нагласува партнерскиот проект со РЕЦ и Еко Логик за циркуларна економија во управувањето со органски отпад, преку кој успева да ја доближи темата за биоотпадот до граѓаните, учениците и локалните заедници.

Во Струга, ИПО „Крсте Јон Струга“ зад себе има долга историја на работа поврзана со заштита на Охридското Езеро, трските, биодиверзитетот, мониторинг на водата и воздухот, енергетска ефикасност и еко туризам. Натура Струга преку теренски акции за чистење, едукативни програми за млади и кампањи за климатски и еколошки предизвици, го надополнува овој локален придонес.

ЦКП покажува како локалните системи можат да преминат од идеја во реалност. Во Гази Баба, Тетово и Аеродром организацијата работи на воведување примарна селекција на пластичен отпад. Во пилот населбите, како што велат од организацијата, „селекцијата на отпад веќе не е само план на хартија, туку дел од секојдневието“.

634716637 899255249492544 8877640093148478559 n

Гледајќи кон иднината: Од локални успеси кон системски промени

Грантистите се согласни дека следниот чекор не е само повеќе активности, туку поголем континуитет, посилна соработка и решенија што ќе траат. Потребни се системи кои ќе функционираат и по завршувањето на проектите, образование што ќе создава навики од најрана возраст и институции кои ќе ги препознаат граѓанските организации како партнери во зелената транзиција. За „Крик“, иднината е во ширење на модели кои веќе функционираат и во интегрирање на зелените практики во социјалните услуги и младинската работа. За РЕЦ и Еко Логик, клучна е континуираната едукација на младите, бидејќи таму се создаваат вредностите кои ја обликуваат иднината. Флорозон и Зелен институт ја гледаат следната фаза во поодржливо управување со отпадот, развој на циркуларна економија и конкретни локални решенија за биоотпадот. ИПО „Крсте Јон Струга“ и „Натура“ од Струга ја нагласуваат потребата од посилна соработка меѓу училиштата, општините, бизнисите, институциите и граѓаните, како и од продолжување на локалните акции кои создаваат долгорочна грижа за природните ресурси.

fe3dbef6 afcd 4269 a6fe 6f39854e8846

ЦКП ја именува суштината на оваа иднина преку три зборови: континуитет, масовност и доверба помеѓу граѓаните и институциите. Континуитет, затоа што еколошките навики се градат секој ден. Масовност, затоа што локалните успешни приказни треба да се прошират во секоја општина. Доверба, затоа што граѓаните ќе продолжат да селектираат, да учествуваат и да се грижат само ако знаат дека нивниот труд навистина има резултат.

На Денот на планетата Земја, работата на овие организации покажува дека моќта за промена веќе постои во нашите заедници. Таа е во младите кои учат, во граѓаните кои селектираат, во волонтерите кои излегуваат на терен, во организациите кои создаваат решенија и во институциите кои избираат да соработуваат. Нашата моќ е во здруженото делување. Нашата планета зависи од тоа дали таа моќ ќе ја користиме секој ден.

 


Related: