Државните службеници на обука за унапредување на учеството на граѓанските организации во креирањето политики Print
Monday, 16 March 2026 14:34

На 13 март 2026 година, во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје, се одржа обука на тема „Ефективно учество на граѓанските организации во процесот на креирање политики“. Настанот беше организиран од Граѓанскиот ресурсен центар, во партнерство со Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за јавна администрација. На обуката учествуваа 23 државни службеници, членови на Мрежата на државни службеници за соработка со граѓанското општество и координатори за проценка на влијанието на регулативата (ПВР).

viber image 2026 03 16 09 27 35 584 e1773676095784 980x551 MCMS

Целта на обуката беше да се унапреди разбирањето и практичната примена на механизмите за вклучување на граѓанските организации во процесите на подготовка на закони, стратегии и други јавни политики, како и поефективно користење на постојните механизми за консултации со јавноста. Во првата сесија, Златко Талевски, регионален експерт од граѓанското општество на Граѓанскиот ресурсен центар, ги презентираше различните форми и механизми за учество на граѓанските организации и граѓаните во процесот на креирање политики на локално и национално ниво, нагласувајќи ја важноста од навремено и суштинско вклучување на засегнатите страни.

Во продолжение, Гордана Гапиќ Димитровска, државен советник во Министерството за јавна администрација, ја претстави улогата на ЕНЕР – Единствениот национален електронски регистар на прописи, како механизам за онлајн консултации со јавноста и важна алатка во процесот на подготовка на прописи. Таа укажа и на најчестите недостатоци во извештаите од консултациите, како што се недоволно наведување на засегнатите страни, недостаток на јасен преглед на добиените мислења и недоволно образложување на прифатените или одбиените предлози. Како клучни препораки беа истакнати доследното објавување на нацрт-законите на ЕНЕР, раното вклучување на засегнатите страни и подобрување на квалитетот на извештаите за проценка на влијанието на регулативата (ПВР).

viber image 2026 03 16 13 58 31 935 980x552 MCMS

Наодите од Извештајот за процесот на консултации при подготовка на предлози на закони и стратегии во 2025 година ги презентираше Сузана Никодиевиќ-Филиповска, раководител на Сектор за анализа на политиките и координација во Генералниот секретаријат на Владата. Според извештајот, од 73 формирани работни групи за подготовка на закони и стратегии во 2025 година, претставници на граѓанските организации биле вклучени во 42 работни групи (57,5%), што претставува намалување во однос на 2024 година. Дополнително, од 133 предлози на закони утврдени од Владата, 74 подлежат на поценка на влијанието на регулативата, а 27 (36,5%) биле објавени на ЕНЕР. Во однос на ПВР извештаите, 40 предлог-закони (54,1%) биле доставени до Владата со извештај за ПВР. Иако во 87,5% од извештаите е пополнет делот „Консултации“, во најголем дел се наведуваат само засегнатите страни или институциите од кои е побарано мислење, додека само 30% од извештаите содржат соодветно и детално пополнет дел за консултации. Податоците покажуваат дека од објавените предлог-закони на ЕНЕР биле доставени 199 коментари од засегнати страни, од кои 10,1% се од граѓански организации, што укажува на потребата од дополнително поттикнување на учеството на граѓанското општество во процесите на консултации. Од вкупно 34 одговори на коментари на засегнатите страни, 27 одговори се од формал ен карактер, односно министерството се заблагодарува на доставениот коментар и заложбата за подобрување на текстот на законот и укажува дека забелешките внимателно ќе бидат разгледани. Само на 7 коментари (3.5%) доставен е суштински одговор.  Во 2025 година, 30% од министерствата го оцениле придонесот на граѓанските организации во процесот на креирање јавни политики за суштински, а за 50% од министерствата придонесот на граѓанските организации во 2025 година бил задоволителен, кое што е подобрување споредено со состојбата во 2024 година.

viber image 2026 03 16 09 27 35 443 921x630 MCMS

Обуката овозможи размена на искуства и конструктивна дискусија за унапредување на процесот на консултации и зајакнување на соработката меѓу институциите и граѓанските организации, со цел креирање поквалитетни и поинклузивни јавни политики.

Обуката беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Фондацијата Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Асоцијацијата за демократски иницијативи – Гостивар и Медиа Плус – Штип.


Related: