| Перцепцијата за корупција останува висока: судиите и обвинителството на врвот |
|
| Thursday, 12 February 2026 10:25 | |
|
Во 2025 година судиите остануваат највисоко рангирани како корумпирана професионална група, односно 79% од граѓаните сметаат дека речиси сите или повеќето судии се вклучени во корупција. По нив следуваат јавните обвинители (74,6%), полициските службеници (69,8%), лидерите на политички партии (66,3%) и пратениците (64,9%). Најниска перцепција за корупција и понатаму има кај наставниците (24,6%) и банкарите (28,1%), како и кај универзитетските професори и граѓанските организации, кои остануваат под прагот на мнозинска недоверба.
И на институционално ниво, судовите остануваат на врвот според распространетоста на корупцијата, односно 73,1% од испитаниците им дале високи оценки (4 и 5). Следуваат обвинителството (64,1%), царината (64,0%) и Министерството за здравство (63,3%). Резултатите укажуваат дека граѓаните сè повеќе ја перципираат корупцијата како системски проблем, обликуван од општата состојба во општеството, медиумите и јавните дебати, а не само од лично искуство. Иако довербата во Владата и министрите бележи подобрување, вниманието на јавноста сè повеќе е насочено кон судството, обвинителството, полицијата и царината, додека образованието, банкарството и граѓанскиот сектор остануваат меѓу најмалку корумпираните области. Истражувањето покажува дека поголемиот дел од граѓаните очекуваат коруптивниот притисок да продолжи. 78,9% сметаат дека постои веројатност или голема веројатност за коруптивен притисок, додека само 21,1% веруваат дека тој ќе биде мал или воопшто нема да постои. Ова ја потврдува перцепцијата дека корупцијата останува сериозен системски проблем. Во однос на можноста за намалување на корупцијата, граѓаните се загрижувачки песимисти, односно 66,6% сметаат дека корупцијата не може значително да се намали, додека 33,2% веруваат дека може да се намали или целосно искорени. Песимизмот може да го зголеми прифаќањето и ризикот од вклученост во коруптивни практики. Сепак, перцепциите за доверба во антикорупциските институции покажуваат позитивен тренд. Во 2025 година, 47,4% од граѓаните изразиле целосна или делумна доверба во Владата, наспроти 23,6% во 2023 година. Министерството за внатрешни работи бележи најголем раст на доверба (50,3% во 2025 г.). Во споредба со тоа, ДКСК бележи благо зголемување на недовербата, а судовите (86,3%) и обвинителството (77,3%) и натаму се институциите со најниска доверба за справување со корупцијата.
|