Граѓански импулс #10: месечен осврт на активностите на грантистите Print
Monday, 17 November 2025 11:06

Октомври беше месец на нови иницијативи и активности кои ја зајакнаа свесноста за животната средина, младинското учество, образованието, здравството и инклузијата.

Во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, продолжија активностите на отворено со караван за демонстрирање на експерименти во училиштата, каде учениците учеа како од органски отпад можат да се создадат корисни производи како биодизелот и се запознаваа со природни материјали како кора од компир, ленено и сончогледово семе и чиа. Работилниците во основните училишта „Христијан Тодоровски Карпош“ и „Димо Хаџи Димов“ имаа за цел да ја разбудат љубопитноста и интересот на младите за природните науки и заштита на животната средина, поттикнувајќи размислување за одржливи решенија во управувањето со отпадот.

Sredba za vmrezuvanje 3

Анализата на Центарот за младински активизам Крик, ЦСИ Надеж и Здружението на социјални работници на Македонија (ЗСРМ) покажа дека иако повеќето домаќинства имаат пристап до јавен водовод, квалитетот и достапноста на водата значително се разликуваат меѓу регионите и меѓу урбаните и руралните средини. Поддршката за екоактивности постои, но, учеството на младите останува ниско, и само мал дел се вклучуваат во волонтерски активности. Сепак, се забележува растечка свесност за поврзаноста меѓу човековите права, доброто владеење и заштитата на животната средина, како и зголемена употреба на јавен превоз, селекција на отпад, штедење вода и енергија и посвесно потрошувачко однесување.

Во октомври, менторите за еко–социјална трансформација од ЦСИ „Надеж“ и ЗСРМ учествуваа на тричасовна онлајн сесија од проектот „ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина“, каде преку коучинг и акциско учење 18 ментори развиваа вештини за активно слушање, насочување на активности и дефинирање на својата лична и колективна улога во одржливите општествени промени.

Мониторингот на веб страните на 81 општина, реализиран од Центарот за климатски промени, покажа дека најактивен е Скопскиот регион со 72 објави поврзани со Зелената агенда, а најмалку активен е Источниот, со само 24 објави. Загрижувачки е што 17 општини немаат ниту една објава за животната средина во последните шест месеци. Регионално географско друштво „ГЕОСФЕРА“ од Битола организираше панел дискусија со кандидатите за градоначалници за можностите за вклучување на Зелената агенда во идниот развој на Битола, каде граѓаните и кандидатите изнесоа бројни предлози за справување со загадување, циркуларна економија, зелена урбана мобилност и капитални еколошки проекти.

Geosfera

Младите продолжија да бидат активни преку различни иницијативи. На 3 октомври во Битола, Про Локал ја организираше тркалезната маса „Менталното здравје кај младите“, каде директори, психолози, педагози и претставници на општина Битола идентификуваа најчести предизвици и работат на заедничка поддршка и превенција. Во исто време се потпиша меморандум за соработка помеѓу Средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ и Про Локал, а во општина Могила беше одржана работилница „Менаџирање на отпадот кој сами го создаваме“ како дел од иницијативите на Регионалната младинска платформа.

Во образованието, грантистите од проектот „Зајакнување за инклузивен развој“ ја објавија статијата „Тешкиот пат кон науката и уметноста“, која го анализира недостигот на инвестиции во научни истражувања и иновации и влијанието врз економскиот развој и конкурентноста на земјата. Лорик Идризи од БИРС, во „Урбани раскази: Невидливите граници на знаењето“, отвори прашања за младите, амбицијата и општеството кое сè уште ги мери успесите преку државни работни места.

На тематскиот форум „Кога се штеди на превенција, последиците се скапи“, граѓанските организации и институциите упатија заеднички повик до здравствените институции за поголеми вложувања во превенцијата и подобар пристап до квалитетни здравствени услуги за жените, девојките и ранливите групи. Форумот откри сериозни потфрлања кај националните превентивни програми, како што е намалување на буџетот за превенција од ХИВ и нискиот опфат со скринингот за рак на грлото на матката. Настанот беше дел од проектот „Унапредување на здравствените права на жените, девојките и ранливите групи“, кој го спроведуваат партнерски организации поддржани од Цивика мобилитас.

hera 3

Превентивната програма за активна здравствена заштита на мајките и децата за 2026 година беше во фокусот на консултативната средба на Министерството за здравство во соработка со ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување. Претставници од релевантни институции, меѓународни организации и граѓанскиот сектор заеднички дискутираа за содржината и приоритетите во програмата, со цел подобрување на пристапот и квалитетот на услугите за мајките, децата и ранливите категории жени.

На полето на инклузијата, на 25 и 26 октомври, Женската граѓанска иницијатива „Антико“ и нејзините партнери одржаа обука за граѓанско учество во процесите на креирање политики и донесување одлуки, со учество на претставници од 20 локални (грасрут) организации од осум региони. Преку интерактивни сесии, учесниците дискутираа за законските можности за учество, улогата на здруженијата во децентрализацијата, градење партнерства со локални власти и изработка на локални иницијативи и акциски планови за промени во заедницата.

Сите овие активности поддржани од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, покажуваат дека и покрај предизвиците, граѓанските организации продолжуваат да придонесуваат кон зелена трансформација, поголемо учество на младите, подобрување на образованието, здравството и инклузивноста, создавајќи подобри и долгорочни промени во општеството.


Related: