| Членките на Советот во дијалог со организациите од Пелагонискиот регион |
|
| Saturday, 01 November 2025 15:07 | |
|
На 29 октомври 2025 година, Граѓанскиот ресурсен центар организираше отворен ден со граѓанските организации и активистите од Пелагонискиот регион, во рамки на посетата на Мобилниот ресурсен центар. Настанот се одржа во Битола и имаше за цел да ги доближи услугите на Граѓанскиот ресурсен центарот до локалните организации, да ги информира за тековните случувања во граѓанското општество, но и да иницира отворена дискусија за клучните потреби и предизвици со кои се соочуваат организациите во регионот.
Фокусот на средбата беше ставен на работата на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, неговите надлежности, составот и неговата улогата како советодавно тело на Владата. Програмата за работа на Советот за 2026 година беше презентирана пред присутните и тие имаа можност да дадат свои сугестии и коментари на содржината како и предлози за предизвици и иницијативи што треба да бидат разгледани од членовите на Советот. Валентина Величковска, Емилиа Ѓероска, Драгица Вучковиќ и Моника Илиоска Кантарџиоска, сите членки на Советот од редот на граѓанските организации, отворија дијалог со присутните и ги поканија да се вклучат во работењето на Советот. „Советот е тука за да ја засили врската меѓу Владата и граѓаните. Како советодавно тело, ние сме гласот што треба да потсети дека политиките се прават за луѓето — и со луѓето! Со поддршка од локалните организации, се бориме гласот од теренот да стигне до Владата и да се претвори во вистински промени.“ — изјави Емилиа Ѓероска, од Здружението на граѓани за унапредување на развојните процеси Про Локал Битола и член на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Учесниците имаа можност активно да се вклучат во дискусијата, да споделат искуства и да укажат на конкретни предизвици од нивното секојдневно работење што може да се најдат на дневен ред на следните седниците на Советот.
Еден од предизвиците истакнат од повеќето присутни организации беше третирањето на граѓанските организации од страна на банките и наметнувањето на низа административни барања и обврски за организациите кои што често се различни од една банка до друга. Пеце Трајковски, од Центарот за стратегиски истражувања и анализи, Битола укажа на неколку предизвици, како долгото време на чекање за добивање на потврда од Министерството за европски прашања за регистрирање на проекти/донации во Централната база на податоци за странска помош за целите на ослободување од данок на додадена вредност како и ограничената можност да се поднесе барање за издавање на решение за регистрација на даночен обврзник за проектите само во скопската канцеларија на Управата за јавни приходи. Мобилниот ресурсен центар продолжува со редовни месечни посети низ државата, нудејќи поддршка и информации на локалните граѓански организации, со посебен фокус на недоволно опфатените општини. Посетата на Мобилниот ресурсен центар беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.
|