Истражувања за граѓанското општество - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Истражувања за граѓанското општество PDF Печати Е-пошта

Довербата, како и останатите општествени вредности, заедно со општествената одговорност на граѓаните се еден од предусловите за нивно вклучување во граѓанското општество (ГО) и воопшто за нивното дејствување. Затоа истражувањето на контекстот придонесува во планирањето активности за јакнење на свеста на граѓаните за важноста на ГО, нивниот ангажман во него, но и за информирање на јавноста за ГО.

Promocija Doverbata vo Makedonija 3Општа цел на проектот беше овозможувачка околина за ефективно функционирање на граѓанските организации. Цел на проектот беше споделени релевантни информации и анализи за состојбата на ГО.

Целна група на проектот беа граѓаните на Република Македонија. Директни корисници беа над 10.000 граѓански организации и други актери од општеството.

Целното подрачје беше Република Македонија, а локацијата на спроведување на проектот беше Скопје.

Постигнатите резултати од проектот се: Подобрен пристап на МЦМС во истражувањата на јавното мислење за граѓанското општество; Овозможен пристап до редовни и ажурирани информации, истражувања и анализи за ГО на општата и стручната јавност, како и на медиумите и институциите им се овозможи; и Споделени информации за доверба на граѓаните и нивната доверба во граѓанското општество; општествената одговорност на граѓаните и за општествените вредности.

Проектот се спроведе преку следните активности:

а) Утврдување општи прашалници за истражувањата за граѓанското општество: Националниот индекс тим (НИТ) за проектот Цивикус-Индекс на граѓанското општество (ИГО) одржа повеќе состаноци за споредба на повеќе релевантни истражувања, како што се Студијата на европски вредности, различните прашалници за Евробарометарот и сл. Врз основа на досегашните истражувања и прашалниците од овие глобални истражувања, НИТ подготви три генерички прашалници за анкетите на населението за граѓанското општество. Од нив потоа се составија прашалниците за 2010 г. во кои се додадоа и прашања за актуелните прашања кои имаат влијание на ГО и се подготви временски распоред на нивно спроведување и објавување, а се определија и авторите. Исто така НИТ ја определи и големината на примерокот во согласност со стандардите за анализа на наодите.

б) Спроведување анкети со населението: Во ноември 2010 г. се спроведе ограничен повик за понуди за избор на истражувачки агенции за спроведување на анкетите со населението преку интервјуа – лице в лице. Трите анкети на населението беа спроведени во периодот 25 ноември – 25 декември 2010 г. на национален репрезентативен примерок од 1050 до 1300 испитаници од страна на избраните агенции. Популациската рамка на примерокот беше население постаро од 18 години, а критериуми за репрезентативност беа: пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони. Истражувачките агенции во договорениот рок доставија до МЦМС: бази на податоци со резултатите, фреквенции и вкрстени одговори од трите анкети. Анкетата за актуелната состојба во земјата беше направена телефонски во периодот 5-7 март 2011 г. на стратификуван примерок од 1.108 испитаници.

в) Истражувачки извештаи/анализа за граѓанското општество: Врз база на наодите од анкетите беа подготвени три извештаи и дополнителни кратки известувања за актуелната состојба. Сите извештаи се објавени во електронска форма на македонски, албански и англиски јазик на компакт-дискови, како и на веб-сајтот на МЦМС и на соодветните социјални медиуми.

Во извештајот „Довербата во Македонија“ беа анализирани наодите од анкетата „Довербата во институциите и во граѓанското општество во Република Македонија“, која беше спроведена по четврти пат (за прв пат во 2006 г.). Целта на истражувањето беше да се испита довербата на граѓаните во институциите и во граѓанското општество. Во извештајот се опфатени следните прашања: Општа доверба и доверба во институциите; Доверба во граѓанското општество; и Познавање и мислење за граѓанските организации. Автори на извештајот се Сашо Клековски,  Емина Нурединоска и Даниела Стојанова. Извештајот има 35 страници, а е објавен преку четири соопштенија до јавноста. Исто така, на 14 февруари 2011 г. беше организирана и јавна презентација на наодите од истражувањето, на која беа поканети препознаените и истражувани граѓански организации, релевантните институции и медиумите, кои присуствуваа во голем број.

Извештајот „Општествената одговорност на граѓаните“ се занимава со наодите од истоимената анкета, која беше спроведена по четврти пат (за прв пат во 2006 г.). Цел на истражувањето беше да се испита граѓанската одговорност за општествените прашања во Македонија, а со тоа и граѓанскиот ангажман. Извештајот се состои од седум дела: Одговорност за општествените прашања; Ниво на социјализација; Јавен дух; Учество во политички непартиски активности; Добротворство; Доброволна активност во заедницата; Учество и активност на граѓаните во организациите на граѓанското општество; и Одговорност за животната средина. Извештајот има 44 страници, а е подготвен од Сашо Клековски, Даниела Стојанова и Гонце Јаковлеска. Објавувањето беше преку пет соопштенија до јавноста.

Во извештајот „Македонските општествени вредности“ се анализираа наодите од истоимената анкета, која МЦМС ја спроведе за прв пат. Дел од прашањата беа поставувани и претходно во рамките на гореспоменатите анкети. Целта на истражувањето беше да се испитаат ставовите на граѓаните за битните прашања кои влијаат на социо-културниот контекст во кој дејствува граѓанското општество. Извештајот се состои од осум дела: Вредности; Слобода и еднаквост; Ненасилство; Солидарност; Демократија; Толеранција и почит кон другите култури; Однос кон природата и Религиозност и однос кон традиционалните/ секуларните вредности. Автори на извештајот се Сашо Клековски, Даниела Стојанова и Александар Кржаловски. Извештајот има 35 страници, објавен преку пет соопштенија до јавноста, а заради актуелноста едно соопштение кое се однесуваше на ставовите на граѓаните за оправданоста на насилството и тероризмот беше испратено пред објавувањето на извештајот.

Покрај овие три истражувачки извештаи, беа објавени и три пократки известувања за ставовите на граѓаните за актуелната политичка состојба во земјата: за предвремените избори, за билатералниот проблем со името меѓу Република Македонија и Република Грција, кои влијаат на непреченото одвивање на активностите на граѓанските организации.

Исто така заради актуелноста на прашањето, беше поддржан и превод на англиски и на албански јазик на истражувачкиот извештај на МЦМС за дискриминацијата на етничка основа.

Периодот на спроведување беше од 5 ноември 2010 г. до 30 јуни 2011 г .

Одговорна за проектот беше Даниела Стојанова, одговорен соработник за програмата, а во спроведувањето покрај неа, беа вклучени сите членови на НИТ.

Дирекните трошоци за проектот изнесуваа 1.697.202,50 денари. Проектот беше финансиран од Службата за црковен развој (ЕЕД).

Извршно резиме од проектот.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Програми