Кампања за јакнење на јавната свест за водоснабдување - извршно резиме - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Кампања за јакнење на јавната свест за водоснабдување - извршно резиме PDF Печати Е-пошта

Голем број села во Република Македонија сè уште страдаат од недостаток на доволни количини квалитетна вода за пиење. Општина Јегуновце е рурална општина лоцирана во северозападниот дел од Македонија составена од 11 села со 10.790 жители. Иако дел од овие селаи маат сопствени локални водоводни системи, заради неодржување на истите, лош квалитет на водата и проблеми со техничкото функционирање, некои од нив се соочуваат со проблеми во сопственото водоснабдување.

Чиста сметка здрава вода

Општа цел на проектот е да се обезбеди пристап до доволни количини на здрава вода за пиење во заедниците од општина Јегуновце. Цел на проектот е зголемена јавна свест за потребата од сопствена реализација на индивидуални приклучоци со водомери и плаќање наплата на водата што се користи од новите водоводни системи.

Целна група на проектот се жителите на 11 села од општина Јегуновце и село Озормиште од општина Желино. Директни корисници на програмата се вкупно 8.446 жители во 1.962 семејства од 12 населени места. Покрај населението, директен корисник на програмата е и Општинското јавно претпријатие „Јегуновце“. Целното подрачје на програмата е рурално, односно истата ќе се спроведе во општина Јегуновце со фокус на селата од поранешната општина Јегуновце.

Очекувани резултати од проектот е кампања за јакнење на јавната свест за воспоставување на организиран начин за стопанисување и одржување на водоводните системи од страна на ОЈП Јегуновце.

За реализација на проектот се предвидени следните активности:

  • Слоган на кампањата: Пред почетокот на кампањата се планира да се осмисли слоган на кампањата, кој понатаму ќе се користи во сите предвидени активности. Слоганот ќе треба да ја отсликува целта на кампањата и одговорноста на секој жител за обезбедување здрава вода.
  • Промотивен материјал: Се планира да се отпечати   промотивен материјал за запознавање на жителите со целите и активностите на ВОЈ односно со корисноста од новите водоводи, начинот на индивидуално користење и моделот на наплата на комуналните услуги. Покрај летоци и постери, се предвидува и друг промотивен материјал.
  • Едукативни активности: Активноста ќе опфати едукативни часови во трите основни училишта во селата опфатени со проектот со околу 1200 ученици и објавување конкурс за најдобра литературна и ликовна творба за значењето на водата. Доколку постои заинтересираност од училиштата планирано е да се публикува брошура со цртежи/илустрации за патот на водата од изворот до крајниот корисник.
  • Информирање на населението: Активноста ќе опфати трибини во месните заедници. Во секое од 12-те села ќе се организираат трибини на кои ќе учествуваат претставници на општината Јегуновце или јавното комунално претпријатие.
  • Други активности: Во текот на проектот ќе се направат напори во координација со организациите на жените од тетовскиот регион да се организираат посебни средби со жените во секое од селата со акцент на важноста на квалитетот на водата за здравјето на децата.

Претпоставка која ќе влијае и придонесе кон постигнување на проектните резултати е мотивираноста на месните заедници, училиштата и воопшто жителите од целното подрачје да учествуваат во активностите на проектот.

Во дел од активностите на проектот ќе биде вклучена општината Јегуновце, но и други актери: локалните медиуми, училиштата и сл.

МЦМС ќе има одговорност за спроведувањето на проектот и донесувањето одлуки. Одговорен соработник во МЦМС ќе биде Даниела Стојанова, соработник на проекти во Одделението за граѓанско општество. Гонце Јаковлеска, соработник за односи со јавноста ќе дава насоки при планирањето и реализацијата на активностите. Димче Митрески, раководител на Одделението за развој ќе го набљудува спроведувањето на проектот и ќе дава насоки за негова реализација.

Ризик за проектот може да биде влошувањето на социоекономската состојба во целното подрачје и несоработката од локалното население, училиштата и месните заедници.

Проектот ќе биде финансиран од Норвешката асоцијација на локални и регионални власти (КС). Буџетот ќе изнесува 996.000 денари за директни трошоци.

Завршен извештај од проектот

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Јакнење свест и кампањи Промотивен материјал